Alma Dekovic
05 Ноември 2023•Ажурирај: 08 Ноември 2023
БЕРЛИН (АА) - По повеќе од 18 часа преговори со маж кој на аеродромот во Хамбург како заложник ја држеше својата четиригодишна ќерка, полицијата соопшти дека заложничката криза е завршена, пренесува Анадолу.
„Заложничката криза е завршена. Осомничениот излезе со ќерката од автомобилот. Не даде отпор при приведувањето. Се чини дека детето минало без повреди“, соопшти полицијата.
Во полициското соопштение се вели дека во тек се подготовки за воспоставување на редот на летање и повторно отворање на терминалите.
Аеродромот во германскиот град Хамбург беше затворен со часови поради заложничка криза, што предизвика откажување на утринските летови.
Надлежните власти соопштија дека повеќе часови преговарале со 35-годишен маж, кој својата 4-годишна ќерка ја држел како заложник во автомобил покрај патнички авион. Инцидентот во соопштението е опишан како „семејна драма“.
Маж синоќа околу 20 часот ја пробил капијата, возел до пистата и запрел во близина на патнички авион кој требало да полета за Туркије.
Полицијата потврди дека мажот претходно имал недоразбирање со сопругата околу разводот и родителските права. Сопругата порано во саботата контактирала со полицијата поради можно киднапирање на детето.
Од одделот за информации на аеродромот ги замолија патниците да не доаѓаат на аеродром и да ги следат најавите на надлежните, бидејќи пристапните патишта кон аеродромот биле блокирани од страна на полицијата.