Cansu Dikme
03 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
НУАКШОТ (АА) - Доцна синоќа во главниот град на Мавританија, Нуакшот, заврши 31. редовен самит на Африканската Унија кој донесе препораки во однос на кризите во Либија, Сомалија и Јужен Судан, јавува Anadolu Agency (AA).
На дводневниот самит присуствуваа 22 претседатели, четворица премиери и двајца министри за надворешни работи од земјите членки.
Советот за безбедност и мир на Африканската Унија соопшти дека меѓународната заедница треба да вложи дополнителни напори во насока на спроведување на планот на ОН со кој се предвидува воспоставување стабилност и заштита на територијалниот интегритет на Либија.
Лидерите на африканските земји ја делат загриженоста во врска со продлабочувањето на кризата и сè поинтензивните конфликти во Јужен Судан, повикувајќи ги сите вклучени страни да ги почитуваат и да ги исполнат своите обврски.
Советот на Африканската Унија соопшти дека ја поддржува федералната влада во транзицискиот процес.
Африканската Унија бара од Обединетите нации финансиски да ја поддржат мировната мисија во Сомалија.
Претседателот на Руанда и претседател на Африканската Унија, Пол Кагаме, на крајот на самитот, рече дека една од главните теми на дводневниот состанок на африканските лидери беше и договорот за формирање слободна трговија во Африка (AfCFTA).
„Уште пет други земји го потпишаа овој договор. Воспоставувањето слободна трговска зона ќе придонесе за забрзан развој на континентот“, рече Кагаме.