Ahmet Dursun
26 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Касим Сулејмани, командантот на Иранската револуционерна гарда изјави дека Црвеното Море повеќе нема да биде безбедно за Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
На конференција во иранскиот град Хамадан, командантот на Иранската раволуционерна гарда, Сулејмани, одговори на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп кој го имаше Иран на мета.
Сулејмани го пофали ставот на иранскиот претседател Хасан Рохани наспроти заканите искажани од страна на Трамп. „Отсега натаму Црвеното Море повеќе нема да биде безбедно за Американците. Противник на американските војници се силите ’Кудс‘“, рече иранскиот командант Сулејмани.
Во обраќањето на Сулејмани кое на арапски го емитуваше иранската државна телевизија „Ел Алем“, иранскиот командат вели: „Би сакал да го посоветувам Трамп да земе поука од искуството на неговите претходници“.
- Хусите поддржани од Иран нападнаа нафтени танкери на Саудиска Арабија -
Вчера Хусите поддржани од Иран во водите на Црвеното Море нападнаа нафтени танкери во сопственост на Саудиска Арабија.
Во нападот е оштетен еден од танкерите, а раководството од Ријад соопшти дека привремено е запрен трансферот на сурова нафта од теснецот Баб ел-Мандеб.
- „Вербален дуел“ меѓу Рохани и Трамп -
За политиката на санкции што администрацијата на САД ја води кон Иран, иранскиот претседател Рохани на 22 јули го упати предупредувањето „не си играјте со опашката на лавот“.
Како одговор на ова, американскиот претседател Трамп, преку својот профил на социјалната мрежа Твитер, ја сподели објавата во која, обраќајќи му се на Рoхани, напиша: „Немој никогаш повеќе да им се закануваш на САД, инаку во спротивно ќе мора да се соочиш со последиците кои во минатото ги виделе многу малку луѓе“.
- Закана на Иран за Ормускиот теснец -
Администрацијата на САД под раководство на Трамп, која на 8 мај се повлече од нуклеарниот договор со Иран, од ноември планира да спроведе санкции врз иранската нафта.
Раководството од Техеран претходно соопшти дека доколку САД бидат пречка за продажбата на иранската нафта, тогаш ќе го затвори Ормускиот теснец, сместен меѓу Персискиот и Оманскиот Залив, кој е од клучно значење за глобалната трговија со нафта.