Aliia Raimbekova
17 Декември 2024•Ажурирај: 19 Декември 2024
КИЕВ (АА) – Украинскиот претседател Владимир Зеленски објави снимка од севернокорејски војници што војуваат против неговата земја, јавува Анадолу.
На снимката што Зеленски ја сподели на социјалните мрежи се гледаат луѓе во шумско подрачје во воени униформи што личат на Севернокорејци.
Зеленски тврди дека Русија користи севернокорејски војници во нападите врз украинските позиции и се обидува да ги скрие нивните загуби.
„Имаше обиди присуството на севернокорејските војници да се задржи во тајност. Им беше забрането дури и да ги покажуваат лицата додека беа на обука. Руската војска се обиде да ги избрише сите визуелни докази за нивното присуство. Сега, по судирите со нашите војници, Русите буквално се обидуваат да ги запалат лицата на загинатите севернокорејски војници. Тоа е показател за презирот кон сѐ што е човечко што преовладува во Русија“, наведе Зеленски.
Зеленски порача дека нема причина Корејците да се борат и да гинат за рускиот претседател Владимир Путин, а Русија да им се потсмева по нивната смрт.
Снимката од напад со дрон врз група за која се верува дека е составена од севернокорејски војници е споделена и на социјалните мрежи.
Во соопштението на Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина се вели дека најмалку 30 севернокорејски војници загинале и се повредени во судирите во областа Курск во Русија во последните два дена.