Burak Dağ
14 Март 2022•Ажурирај: 14 Март 2022
КИЕВ (АА) - Украинската делегација за преговори со Русија има јасна задача - да стори сé за да обезбеди средба на претседателите на земјите, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски рано утринава, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Претставниците на делегациите на нашите земји разговараат во видео формат секој ден“, рече Зеленски во видеопораката на Телеграм.
„Силни луѓе на нескршлива земја! Денес е 18-тиот ден од нашата војна за живот, за Украина, за независност“, рече Зеленски.
Осврнувајќи се на рускиот ракетен напад врз западниот украински град Лавов, во кој загинаа најмалку 35 луѓе, а ранети се 134, тој рече дека „таму [Лавов] не се случува ништо што би можело да ја загрози територијата на Руската Федерација“.
Вчера, гувернерот на Лавов, Максим Козицки, изјави дека руските сили истрелале повеќе од 30 крстосувачки ракети кон воениот полигон „Јаворив“, кој се наоѓа на околу 30 километри северозападно од Лавов и 35 километри од границата на Украина со Полска.
На воениот полигон беше стациониран Меѓународниот центар за зачувување на мирот и безбедноста кој го користеа САД и НАТО за обука на украинската војска.
Тој рече дека цел на рускиот напад било местото оддалечено само 20 километри од границата на земја на НАТО.
Зеленски истакна дека во 2021 година тој упатил „јасно предупредување до лидерите на НАТО дека доколку нема строги превентивни санкции против Русија, таа ќе започне војна“.
„Бевме во право“, додаде тој.
Украинскиот претседател уште еднаш повика на целосно затворање на воздушниот простор на Украина: „Доколку не го затворите нашето небо, прашање на време е кога руските проектили ќе паднат на ваша територија. Територијата на НАТО. На домовите на граѓаните на земјите на НАТО.
Тој, исто така, тврди дека рускиот напад во Киев во кој загина американскиот новинар Брент Рено бил „напад со намера на руската војска. Тие знаеа што прават“.
„На истокот од нашата земја, напаѓачите решија да ја „демилитаризираат“ и „денацифираат“ Свјатохирската лавра на Украинската православна црква, Московската патријаршија.“
Зеленски додаде дека „функционални се повеќе од 10 хуманитарни коридори. Во регионите Киев и Луганск... за еден ден се спасени 5.550 луѓе. За шест дена - над 130.000.
Откако Русија ја започна својата војна против Украина повеќе од 2,69 милиони луѓе побегнале во други земји, според проценките на Обединетите нации (ОН).
Во Украина загинати се најмалку 596 цивили, додека 1.067 се повредени.
Европската Унија, САД и други земји воведоа санкции кон Москва, а многу компании и светски брендови ја прекинаа работата во Русија.