Ekipa
07 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
ХОНОЛУЛУ (АА) - Земјотрес со јачина од 5,6 степени по Рихтер го погоди врвот на хавајскиот вулкан Килауеа, по што во воздух исфрли столб од пепел и камења во височина од околу три километри, пренесува Anadolu Agency (AA).
Официјални претставници вчера соопштија дека ерупцијата може да предизвика прекривање со пепел на населените подрачја, вклучувајќи ги и гратчињата Волкано и Пахала.
Потресот се случил само неколку часа откако Венди Стовал, научник од Геолошкиот завод на Соединетите Американски Држави (САД), изјави дека новата експлозија е неизбежна. Зголемената активност на земјотресите во регионот одговара на она што Стовал го нарече „образец“ на експлозивните ерупции на врвот на Килауеа. Геолозите истакнаа дека нема опасност од цунами.
Џесика Ферачане, портпаролка на Националниот парк за вулкани во Хаваи, изјави дека на врвот рано утрото се забележани неколку потреси. Камерата што е поставена на врвот на Килауеа покажува вулкански гасови и пепел кои излегуваат од вулканскиот кратер.