Zehra Ulucak
15 Декември 2019•Ажурирај: 16 Декември 2019
ДАВАО (АА) - Во земјотресот со интензитет од 6,8 степени што го потресе филипинскиот остров Минданао, според првичните проценки животот го загуби едно лице, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот геолошки завод (USGS) соопшти дека епицентарот на земјотресот со интензитет од 6,8 степени се наоѓа на 6 километри југоисточно од градот Магсајсај во подрачјето Давао дел Сур, на длабочина од 22,4 километри.
Се дознава дека оштетувања претрпеле и голем број згради.
Кабинетот за односи со јавноста на Давао дел Сур објави дека во градот Матанао загинало шестгодишно девојче.
Гувернерот на Давао дел Сур, Даглас Кагас, за радиостаницата ДЗММ (DZMM) изјави дека во градот Падада се урнала трикатница, додавајќи дека засега немаат информации колку луѓе се наоѓале во зградата во времето на земјотресот.
Кагас информира дека во тек се спасувачки операции за извлекување на лицата од под урнатините.
Градоначалникот на општина Матанао, Винсент Фернандез, соопшти дека големи оштетувања претрпела двокатната општинска зграда.
Фернандез информира дека по силниот земјотрес имало неколку последователни потреси, соопштувајќи дека поради земјотресите кои во последно време го зафатија регионот, ослабени се темелите на голем број згради, а оштетени се и голем број згради кои би се користеле како центри за евакуација.
- Прекината е наставата -
Претставниците на власта соопштија дека поради земјотресот доаѓа до прекини на електрична енергија во некои градови и места во подрачјето на Давао дел Сур, информирајќи дека со цел да се испитаат оштетувањата на училишните објекти, утре нема да има настава.
Филипинскиот Институт за вулкански науки и сеизмологија објави дека земјотресот бил со интензитет од 6,9 степени. По земјотресот не беше дадено предупредување од евентуално цунами.
На 29 и 31 октомври филипинскиот остров Минданао го потресоа земјотреси со интензитет од 6,6 и 6,5 степени, при што во подрачјата на Давао дел Сур, Котабато и Султан Кударат, животот го загубија 23 лица, а 417 беа повредени.