Ayşe Doğru
25 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
ЏАКАРТА
Најмалку 2 лица загинаа, а 20 се повредени во земјотресот со интензитет од 6,2 степени според Рихтеровата скала што го потресе островот Суматра во Индонезија, известува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот геолошки институт објави дека земјотресот со интензитет од 6,2 степени е регистриран 66 километри северозападно од градот Букитингги во провинцијата Западна Суматра, во северниот дел од островот Суматра, на длабочина од 12 километри.
Потресите се почувствуваа и во провинциите Риау и Северна Суматра, како и во соседните држави Сингапур и Малезија.

По земјотресот не е дадено предупредување за цунами.
Сухарјанто, претседателот на Националната агенција за управување со катастрофи (BNPB), за медиумите изјави дека во земјотресот загинале најмалку 2 лица, а 20 лица се повредени.
Истакнувајќи дека голем број згради, меѓу кои и едно училиште и банка биле оштетени од земјотресот, Сухарјанто информира дека екипата за одговор при итни случаи била испратена во регионите Пасаман и Западен Пасаман, подрачја најмногу погодени од потресите.

Сухарјанто изјави дека земјотресот предизвикал свлечиште во регионот.
Индонезискиот остров Суматра кој се наоѓа во земјотресниот и вулкански појас наречен „Пацифички огнен прстен“, во 2004 година го потресе земјотрес со интензитет од 9,1 степен според Рихтеровата скала кој предизвика цунами во кое животот го загубија 170.000 луѓе во Индонезија и 220.000 луѓе во регионот.