Elena Teslova
25 Февруари 2022•Ажурирај: 26 Февруари 2022
МОСКВА (АА) ‒ Русија го затвори својот воздушен простор за британските авиокомпании, вклучително и транзитните летови, откако Велика Британија ги забрани руските летови во нејзиниот воздушен простор, објавија руските власти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Росавијација“, руската Федерална агенција за воздушен транспорт, соопшти дека побарала консултации со британските власти за ограничувањата воведени вчера за руските летови во британскиот воздушен простор, наметнати како дел од санкциите по започнувањето на руската воена интервенција во Украина, но дека тоа било одбиено.
„Забраната за британските летови се однесува на летови на авиони во сопственост, изнајмени или управувани од лице поврзано со Велика Британија или регистрирано во Велика Британија до места на територијата на Руската Федерација, вклучително и транзитни летови низ воздушниот простор на Руската Федерација, и стапи на сила денеска, во 11 часот по московско време“, објави „Росавијација“.
Тие, исто така, ја осудија одлуката на британските власти донесени вчера, наведувајќи дека таа го прекршува договорот меѓу Русија и Велика Британија, кој предвидува соработка „за сите прашања неопходни за да се обезбеди безбедно и ефикасно функционирање на договорните линии“ и одржува консултации „во случај на какви било потешкотии и работа на овие линии“.
Договорот предвидува дека авиокомпаниите на двете земји „ќе добијат фер и еднакви права за извршување на договорените линии“.