Ayşe Aktaş
16 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Најбезбедно место за патување во светот, според „Background Checks“ (Бекграунд чекс) е Хонг Конг, специјалниот административен регион на Кина, јавува Anadolu Agency (AA).
Според процената направена од страна на компанијата за безбедност „Background Checks“, Хонг Конг се наоѓа на првото место како најбезбедна дестинација за патување во светот.
Интернет-страницата „backgroundchecks.org“, која нуди безбедносни информации за индивидуалци и компании, изврши процена на 121 земја како туристички дестинации.
Вршејќи процена на нивото на криминалот, предупредувањата за патувања, природните катастрофи и моќта на конкуренцијата во туристичкиот сектор, на овој интернет-портал, Хонг Конг е избран како најбезбедно подрачје.
Според овој извештај, по улиците на Хонг Конг можете слободно да се движите во секое време.
На листата на 10 најбезбедни места во светот, покрај Хонг Конг кој е на врвот, на второто место се наоѓа Сингапур. Следуваат Јапонија на 3. место, Шпанија четврта, Британија петта. На 6. место е Франција, а по неа се Германија, Канада, Норвешка и Австралија.
На дното од листата, како најопасна земја за патување во светот се наоѓа Хондурас.
Хондурас, според анализата на „backgroundchecks.org“ е земја со највисок степен на криминал и земја во којашто криминалните банди владеат на улиците. На листата на најопасни земји, по Хондурас следуваат и Ел Салвадор, Пакистан, Чад, Мавританија, Мали, Бурунди, Нигерија, Лесото и Колумбија.