Burak Karacaoğlu
13 Јули 2019•Ажурирај: 14 Јули 2019
ИДЛИБ (АА) - Воените авиони на режимот на Асад и Русија изведоа воздушен напад врз населените места во зоната за деескалација на судирите на Идлиб, при што животот го загубија 11 цивили, од кои 4 се деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Синоќа, воените авиони на режимот на Асад и Русија ги нападнаа местата Хан Шејхун и Кеферума и селата Бсида, Маритирме, Кеферја и Кеферавид, кои се наоѓаат во границите на зоната за деескалација на судирите на Идлиб.
Според информациите добиени од Цивилната заштита („Бели шлемови“), во местото Хан Шејхун животот го загубиле 8 цивили, од кои 4 деца, додека во селото Кеферја загинале 3 цивили. Во синоќешните напади има голем број ранети.
Центарот за набљудување на вооружената опозиција преку социјалните мрежи во врска со воздушниот напад на Хан Шејхун напиша „Руски воен авион полета од воената база Химејмим“.
- Состојбата во зоната за деескалација на судирите во Идлиб -
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, подрачјето на Идлиб во северозападниот дел на земјата, важи за упориште на опозицијата. Во моментот, популацијата во Идлиб, поради внатрешните миграции изнесува околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на режимските сили.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран, на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за зона за деескалација на судирите.
Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето. Во главниот град на Казахстан, Нурсултан, во периодот од 25 до 26 април годинава се одржа 12. состанок на земјите гаранти за Сирија меѓу Турција, Русија и Иран. Токму во тој период дојде до интензивирање на нападите кое продолжува и денес.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за прекин на огнот во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведуваат напади кои примораа повеќе од 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Податоците на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) покажуваат дека во нападите кои припадниците на режимот на Асад и сојузниците ги извршиле од 26 април до 12 јули во зоната за деескалација на судири во Идлиб, загинале 606 цивили, од кои 157 деца и 111 жени.
- Разлика помеѓу руските и режимските напади во Сирија
Лесно можат да се разликуваат воздушните напади и бомбардирања во Сирија изведени од страна на силите на Асад и на руските воздухопловни сили. Авионите што ги поседува режимот на Асад се од руско производство, но со стара технологија и пилотите не можат да изведуваат напади од поголеми висини. Тие затоа летаат ниско, доближувајќи се директно до целта и напаѓаат широки површини. Со постоечката технологија, режимот не може прецизно да бомбардира во нулта точка и затоа поради муницијата што е чувана долго време, уништувањето пошироко се распространува. Покрај тоа, авионите на режимот, кога губат висина подготвувајќи се за напад, генерираат гласни звуци.
Руските авиони во моментот на нападот не се доближуваат премногу до целта и до тлото не допира нивниот звук. Првиот звук што ќе се чуе при руските напади е експлозијата на бомбата. Додека авионите на режимот при нападите се доближуваат до секоја цел одделно, најмалку два руски авиони истовремено ги напаѓаат целите.
Авионите на режимот користат муниција која е остаток од претходната генерација, додека може да се забележи дека руските авиони користат нова генерација на муниција. Опозицијата, благодарение на помошта на формираните екипи во близината на базите и клучните точки во земјата, во голема мерка можат да ги откријат авионите.