БРИСЕЛ (АА) - Денеска државјаните на 21 земја од Европската Унија (ЕУ) ќе гласаат за своите пратеници кои ќе ги претставуваат во Европскиот парламент (ЕП), јавува Anadolu Agency (AA).
Во поголем број од земјите гласањето започна во 8:00 часот и ќе заврши во 16:00 часот. Се очекува неофицијалните резултати од изборите да се објават доцна вечер.
Гласањето за претставници во Европскиот парламент започна на 23 мај во Велика Британија и Холандија. На 24 мај се гласаше во Чешка и Ирска, додека на 25 мај гласаа Словачка, Малта и Летонија. Денеска ќе гласаат преостанатите 21 земја од ЕУ, а тоа се Германија, Австрија, Белгија, Бугарија, Данска, Естонија, Финска, Франција, Хрватска, Шпанија, Шведска, Италија, Кипар (јужен дел на островот под грчка администрација), Литванија, Луксембург, Унгарија, Полска, Португалија, Романија, Словенија и Грција.
На овие избори кои се спроведуваат според националните закони на земјите членки, во Австрија и Малта ќе можат да гласаат и лица со наполнети 16 години. Во преостанатите 26 земји право на глас имаат лица со наполнети 18 години. Според националните законски регулативи, во Белгија, Грција, Бугарија, Луксембург и Кипар (јужен дел на островот под грчка администрација), гласањето за ЕП е задолжително.
- Федерални и регионални избори во Белгија -
Покрај изборите за ЕП, во Белгија ќе се гласа и на федералните и регионалните избори кои во оваа земја се организираат еднаш на пет години. Право на глас имаат околу 8 милиони лица, кои се на возраст над 18 години.
Белгискиот федерален Парламент го сочинуваат Претставничкиот дом и Сенатот. На изборите на федерално ниво, Белгијците ќе гласаат за избор на 150 пратеници во Претставничкиот дом. На федералните и регионалните избори учествуваат околу 30 лица со турско потекло.
- Локални избори во Грција и Шпанија -
Денеска во Грција, покрај гласањето за претставниците во Европскиот парламент, ќе се гласа и за избор на локално раководство.
Изборот на 325 градоначалници на општини во 13 грчки области ќе се одржи во два круга. Денеска двајцата кандидати што ќе освојат најголем број гласови, повторно ќе се борат за градоначалничката позиција на 2 јуни. Победниците на изборите на 1 септември ќе го започнат својот петгодишен мандат како градоначалници.
Околу 9 милиони гласачи ќе го дадат својот глас на едно од 39.000 гласачки места, избирајќи еден од 7.668 кандидати. На овие избори ќе бидат одредени и членовите на обласните парламенти и локални одбори.
Во Шпанија ќе се одржат и локални избори во 12 од 17 автономни области (Арагон, Астурија, Балеарски Острови, Канарски Острови, Кантабрија, Кастилја и Леон, Кастилја-Ла Манча, Екстремадура, Мадрид, Мурсија, Навара и Риоха), во вкупно 8.131 општина.
- Покраински избори во Германија -
Покрај парламентарните избори за пратеници во ЕП, во германската покраина Бремен ќе се одржат парламентарни избори. Според анкетите со кои се испитуваше јавното мислење на граѓаните, на парламентарните избори во ова покраина предност ѝ се дава на Социјалдемократската партија.
- Референдум во Романија -
Истовремено со парламентарните избори за ЕП, во Романија се одржува референдум. На овој референдум, државјаните на Романија ќе треба да одговорат на прашањата „Дали да бидат амнестирани сторителите на корупција? Дали Владата со итен декрет да ги амнестира оние кои се корупциски престапници?“
- Избори за Европскиот парламент (ЕП) -
Право да гласаат на изборите за Европскиот парламент имаат околу 400 милиони граѓани на ЕУ. Оваа година на изборите за ЕП, кои според бројот на гласачи се дефинираат како втори по големина демократски избори во светот по изборите во Индија, ќе се гласа за осум политички групи. Пратеничките кандидати ќе се борат за едно од 751 столче во Европскиот парламент.
Изборот за пратеници во ЕП се прави на секои пет години, а на изборите во 2014 година, своето право на глас го искористија 42% од гласачите.
Европскиот парламент е законодавно тело на ЕУ и заедно со Советот на ЕУ ги усвојува законите на Унијата и го одобрува буџетот.