АНКАРА (АА) - Со неодамнешното откривање на ресурси на фосилни горива во регионот од почетокот на 2000 година, Источниот Медитеран стана нов епицентар за енергетската дипломатија. Сепак, истражувањата и активностите за дупчење во Источниот Медитеран, исто така, беа многу спорно прашање поради едностраните активности на администрацијата на кипарските Грци.
Администрацијата на кипарските Грци ги крши меѓународното право и неотуѓивите права на Турската Република Северен Кипар за сопствени аспирации, кои служат само за подгревање на тензиите.
- Турските права во подрачејто на Источниот Медитеран -
Бродот под турско знаме „Фатих“ започна со активностите на 3 мај, на 75 километри од западниот брег на островот. Подрачјето целосно спаѓа во рамките на турскиот континентален гребен, во согласност со ОН, и за него има лиценцирана дозвола која турската Влада во претходните години му ја додели на „Турски петролеум“ (Turkish Petroleum).
Турција сака да ја смета енергијата како поттик за политичко решение за островот и мир во поширокиот дел на медитеранскиот басен, наместо како катализатор за понатамошни тензии.
- Едностраните активности на администрацијата на кипарските Грци -
Администрацијата на кипарските Грци спроведува непромислена политика во регионот преку едностраното склучување на договорите за Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ) со Египет (2003), Либан (2007) и Израел (2010), и преку спроведување договори за истражување и издавање дозволи за такви активности околу островот.
Од самиот почеток, Турција и Турската Република Северен Кипар ги отфрлија овие чекори и изјавија дека одредувањето на границите на континенталниот гребен, како и договорите за Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ) во полузатворено море, како што е подрачјето на Источниот Медитеран, единствено е можно само преку договори склучени меѓу сите засегнати земји, како и со одржување на правата и интересите на сите релевантни страни врз основа на меѓународното право и принципите на еднаквост.
Гледано од правен аспект, билатералните договори кои ги нарушуваат легитимните права на трети страни се неважечки и според тоа не можат да имаат правен ефект врз трети земји, чии права се нарушуваат со таквите договори. Противењето на Турција на договорот за Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ) помеѓу Египет и кипарските Грци е забележано во ОН, бидејќи линијата на разграничување според тој договор навлегува во континенталниот гребен на Турција во Средоземното Море.
- Цврстиот став на Турција може да ја поттикне администрацијата на кипарските Грци да ги преиспита своите еднострани активности -
Администрацијата на кипарските Грци еднострано идентификуваше 13 блока за експлоатација на нафта околу островот Кипар, и им додели дозволи на нафтени компании како што се „Ексон“ (САД), „Нобел“ (Франција), „Ени“ (Италија), „Когас“ (Јужна Кореја), „Катар петролеум“ (Катар) и други, за активности за истражување и дупчење.
Меѓутоа, многу е важно дали администрацијата на кипарските Грци ги претставува кипарските Турци и Кипар како целина според законот и во реалноста. Краток одговор на ова едноставно прашање е: „Апсолутно не, воопшто“.
Затоа, администрацијата на кипарските Грци не е овластена да преговара и да склучува меѓународни договори или да усвојува закони во врска со искористувањето на природните ресурси во име на целиот остров. Оваа провокативна, еднострана политика ги компромитира неотуѓивите права на кипарските Турци врз природните ресурси на островот.
Турската надворешна политика секогаш била конзистентна и јасна во врска со тоа прашање: „Кипарските Турци и Грци треба да имаат заеднички бенефит од природните ресурси на островот“.
- Меѓународното право и ставот на Турција -
Едностраните активности на администрацијата на кипарските Грци не само што ги игнорираат правата на кипарските Турци, туку и ги оспоруваат поморските права на Турција во Источниот Медитеран недалеку од западниот брег на островот Кипар. Настрана кипарското прашање, Турција истакна дека има легитимни и законски права во Источниот Медитеран, особено западно од 32 ° 16 ’18 “ географска должина, како што стои во ОН.
Турција не ги признава нелегитимните тврдења на администрацијата на кипарските Грци за Ексклузивната економска зона (ЕЕЗ).
Турција е на ставот дека островот Кипар не може да создаде целосна Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ) преку симплистички методи за разграничување западно од островот, бидејќи со тоа го нарушува разграничувањето направено според меѓународното право.
Фундаменталниот принцип на поморското разграничување е постигнување на правично решение. Според овој принцип, што се однесува до поморското разграничување, земајќи ги предвид географските и другите релевантни околности, на островите може да им се даде специјален третман. Во согласност со меѓународниот правен систем, овој специјален третман може да биде делумен или да нема ефект при создавањето на Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ) или на континенталниот гребен, доколку присуството на островите го менува правичното разграничување.
Турција нагласува дека конечното морско разграничување во Источниот Медитеран може да се реши само преку договори постигнати помеѓу релевантните крајбрежни држави врз основа на меѓународното право и принципот на правичност.
Во таа насока, Турција склучи договор за разграничување на континенталниот гребен со Турската Република Северен Кипар во 2011 година врз основа на принципот на правичност. Освен тоа, врз основа на нејзините неотуѓиви права како косопственик на островот, Владата на Турската Република Северен Кипар додели дозвола за експлоатација и истражување на ресурсите со фосилни горива на „Турски петролеум“ околу островот, како одговор на едностраните активности спроведени од страна на администрацијата на кипарските Грци.
Турција во неколку наврати истакна дека е подготвена да придонесе за правично, рамноправно и мирно решение за сите нерешени прашања, вклучувајќи го и рамномерното разграничување на поморските области со сите релевантни крајбрежни држави според меѓународното право, со цел понатамошен придонес кон стабилноста на целиот медитерански басен.
- Едностраните дејствија на администрацијата на кипарските Грци, кои ја игнорираат Турција, осудени се на пропаст -
Во подрачјата во кои „Турски петролеум“ има дозвола за активности од страна на Турската Република Северен Кипар, прва истражувачка активност изврши бродот „Пири Реис“ во 2011 година, а во 2014 година и бродот „Барбарос Хајредин-паша“.
Истовремено, бродот за дупчење „Фатих“ работи во рамките на континенталниот гребен на Турција во Источниот Медитеран.
Вториот турски брод за дупчење „Јавуз“ е исто така подготвен за операции. Техничката способност на Турција, поради својата флота на истражувачки бродови, покажува дека таа навистина претставува сериозен актер во регионот.
Механизмите за енергетска соработка во Источниот Медитеран, кои се обидуваат да ја изолираат Турција, не се реалистички. Очигледно е дека Турција е всушност клучот за успехот на кој било инструмент за соработка, со оглед на фактот што има најдолго континентално крајбрежје во Источниот Медитеран, како и растечка побарувачка за енергетски ресурси.
Администрацијата на кипарските Грци не направи никакви напори да го избегне неодговорното загрозување на стабилноста на регионот, игнорирајќи ги неотуѓивите права на кипарските Турци, кои се косопственици на природните ресурси на островот, продолжува да го одбива секој предлог за соработка и понатаму продолжува со своите еднострани активности во регионот.
Единствено разумно е трети страни да играат конструктивна улога и да го признаат фактот дека Турција и Турската Република Северен Кипар не можат да бидат исклучени од енергетската равенка во Источниот Медитеран.
Што се однесува до едностраните активности во однос на ресурсите на фосилни горива од страна на администрацијата на кипарските Грци, јасно е дека Турција ќе продолжи да ги штити правата на кипарските Турци, како и на сопствените. Затоа, Турција во секоја пригода нагласува дека активностите на „Турски петролеум“ во рамките на лиценцираните области на Турската Република Северен Кипар, како и на подрачјето на континенталниот гребен на Турција, ќе продолжат со истражувачки и со операции на дупчење.
news_share_descriptionsubscription_contact


