Abdullah Aşıran
24 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
ХАГ (АА) - АБДУЛАХ АСИРАН - Заедничката комисија на ОН и на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) наскоро до Советот за безбедност на ОН ќе поднесат извештај за нападот со хемиско оружје што се случи во во сирискиот град Хан Шејкун, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на ОПЦВ, Ахмет Узумџу, за АА изјави дека ОПЦВ во изминатиот период од Сирија изнела и уништила хемиско оружје од складиштата што ги пријави режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
„Во тек е истрагата за тоа дали во Сирија постојат уште складишта што сирискиот режим не ги пријавил“, изјави Узумџу.
Силите на режимот на Асад на 21 август 2013 година, во напад со хемиско оружје во Источна Гута, кај Дамаск, убија најмалку 1.400, а ранија повеќе од десет илјади цивили.
САД тој напад го оценија како црвена линија и најавија дека ќе започнат воена интервенција до којашто не дојде бидејќи Русија предложи да се пријави инвентарот на хемиското оружје и да им се предаде на надлежните органи на ОПЦВ. Процесот на уништување на пријавеното оружје е завршен на 19 август 2014 година.
Остана сомнежот дали режимот на Асад ги пријавил сите складишта на забрането оружје, а во извештајот на Сириската мрежа за човекови права, од август оваа година, се наведува дека режимските сили во изминатите четири години користеле хемиско оружје во 174 напади врз цивилите.
Експертите со истрагата потврдија дека во нападот во Источна Гута бил користен хемискиот отров сарин, но не потврдија дека зад него стојат силите на режимот на Асад.
Нов масакр со хемиско оружје во Сирија се случи на 4 април, кога во Хан Шехун беа убиени најмалку 100 цивили.
Узумџу изјави дека експертската комисија утврдила оти и во тој напад бил користен гас сарин, а заедничката комисија на ОПЦВ и на ОН го истражувале мотивот за тој напад.
„Комисијата ќе го претстави тој извештај пред Советот за безбедност кон крајот на октомври. Ние ќе добиеме еден примерок. Потоа ќе ги проследиме новите мерки што ќе бидат неопходни доколку дојде до конечен заклучок за тоа кој е одговорен за нападите“, изјави Узумџу.
Заедничката комисија на почетокот од овој месец соопшти дека само пет дена пред нападот во Хан Шејхун, сличен напад со хемиско оружје бил извршен и во соседното гратче Латамине.
„Првите резултати од истрагата потврдија дека се работи за напад со гас сарин, но и тој компетен извештај го очекуваме во наредните недели“, изјави Узумџу.
Членките на ОПЦВ се должни да ги пријават сите складишта и под надзор на таа организација да го уништат забранетото оружје. Узумџу за АА изјави дека во изминатиот период, седум членки го завршиле процесот на уништување на пријавеното хемиско оружје, вклучувајќи ги Русија и Сирија, а во наредните пет или шест години ќе биде уништено и преостанатото хемиско оружје на САД.
„Меѓутоа, ние не знаеме дали и колку хемиско оружје имаат земјите што не се членки на ОПЦВ: Израел, Северна Кореја, Египет и Јужен Судан. Некои извори предупредуваат дека само Северна Кореја има меѓу три и пет илјади тони хемиско оружје“, изјави Узумџу.
Истакнувајќи дека вниманието на светската јавност е насочено кон загрижувачката нуклеарна програма на Северна Кореја, Узумџу рече дека настојува да ја предупреди јавноста и за заканата од хемиското оружје на таа земја.
Узумџу мандатот на челник на ОПЦВ ќе го заврши во јули наредната година, а за АА изјави дека е горд на Нобеловата награда за мир што таа организација ја доби пред четири години.
„Во изминатите седум години направивме многу работи, но исто така многу работи се пред нас. Хемиското оружје е глобална закана и во борбата против таа закана е потребна поголема соработка“, изјави Узумџу и додаде дека искуството сака да го подели со помладите генерации и оти се надева дека тоа ќе го прави на универзитите, по завршувањето на мандатот.