Jo Harper
10 Мај 2023•Ажурирај: 11 Мај 2023
ВАРШАВА (АА) – Остатоците од ракета пронајдени во близина на Бидгошч во северна Полска кон крајот на април се од руска крстосувачка ракета Kh-55, објави полското радио РМФ ФМ, повикувајќи се на неименувани извори од полскиот Институт за воздухопловни сили, пренесува Анадолу.
Институтот беше назначен да го утврди изворот на ракетата што падна во Полска близу источната граница.
Полска нема такви ракети или ракетни системи за нивно лансирање, јави РМФ ФМ.
Во средината на декември минатата година, Русите спроведоа гранатирање на украинската територија. Во тој период во Полска имаше големи снежни бури и голема беше веројатноста заскитаната ракета да поминала на полска територија, соопшти радиото.
Како што се наведува, радарите на полските служби покажале и објект кој влетал во Полска од воздушниот простор на Белорусија. Службите го изгубиле од вид во околината на Бидгошч, на околу 2 километри од местото каде што во април беа пронајдени остатоци од ракета.
Полска е во состојба на висока готовност поради опасноста од паѓање на проектили на нејзина територија поради војната во Украина, откако две лица загинаа во близина на границата во ноември минатата година од погрешно истрелан проектил на украинската воздухопловна одбрана.