İlayda Çakırtekin
09 Јули 2025•Ажурирај: 10 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Силниот топлотен бран што ја зафати Европа од минатата недела досега предизвика околу 2.300 смртни случаи, се наведува во новата студија објавена денес, јавува Анадолу.
Околу 1.500 од овие смртни случаи – или 65% – се поврзани со климатските промени што предизвикале потешки и поекстремни температури, покажува студијата спроведена од научници на Колеџот Империјал во Лондон и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.
Според студијата, климатските промени го зголемиле бројот на смртни случаи во Европа поради топлотните бранови за трипати на почетокот на летото.
Истражувачите се фокусирале на период од 10 дена, од 23 јуни до 2 јули, анализирајќи 12 европски градови, меѓу кои Лондон, Париз, Франкфурт, Будимпешта, Загреб, Атина, Рим, Милано, Сасари (Италија), Барселона, Мадрид и Лисабон.
„Наодите од оваа анализа и многу други се кристално јасни: екстремната топлина низ Европа се зголемува забрзано поради климатските промени предизвикани од човекот“, се вели во студијата.
Се наведува и дека во некои градови температурите се зголемиле и до 4 Целзиусови степени над просекот.
Во студијата се предупредува дека температурите ќе продолжат да растат, со што веројатно ќе се зголеми и бројот на жртви.
И Службата за климатски промени на ЕУ „Коперникус“ во својот месечен билтен потврди дека јуни 2025 година бил трет најтопол јуни на глобално ниво.
„Јуни 2025 година беше месец со исклучително силен топлотен бран што зафати големи делови од Западна Европа. Многу региони доживеаја сериозен топлотен стрес, дополнително интензивиран од рекордно високи температури на морската површина во Западен Медитеран“, изјави Саманта Бургес, стратег за клима во Европскиот центар за прогноза на среднорочни временски услови.
Бургес предупреди дека топлотните бранови веројатно ќе станат „почести, поинтензивни“ и ќе влијаат врз повеќе луѓе низ цела Европа.