Husamedin Gina
19 Април 2020•Ажурирај: 20 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија потврди два нови смртни случаја од новиот вид коронавирус (Ковид-19), со што вкупната бројка на починати од овој вирус во земјата се искачи на 51, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството исто така соопшти дека во изминатите 24 часа се регистрирани 37 нови случаи на Ковид-19, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во земјата се искачи на 1.207.
Во изминатото деноноќие регистрирани се вкупно 15 излекувани пациенти, со што вкупната бројка на излекувани пациенти од Ковид-19 во Северна Македонија изнесува 179.
Според соопштението од Министерството, во изминатите 24 часа направени се 314 тестови, со што во земјата од појавата на вирусот направени се вкупно 11.870 тестирања за Ковид-19.
Потсетуваме, Владата на Северна Македонија донесе одлука за ограничување на движењето на граѓаните за време на претстојниот викенд, вклучително и понеделник, односно од петок, 17 април, од 16 часот, до вторник, 21 април, до 05 часот, на територијата на целата држава, поради велигденските празници.