Betül Yürük
28 Октомври 2016•Ажурирај: 28 Октомври 2016
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) – Постојаниот руски претставник за ОН, Витали Чуркин, тврди дека извештајот на независната истражувачка комисија на ОН, во кој пишува дека режимот на Сирија 3 пати употребил хемиско оружје, е контрадикторен и дека нема доволно докази за тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
На затворен состанок, Советот за безбедност при ОН го разгледа извештајот на Организацијата за забрана на хемиско оружје во врска со нападите со хемиско оружје во Сирија.
Во извештајот стои дека силите на режимот трипати употребиле хемиско оружје.
Чуркин во својата изјава за медиумите тврди дека извештајот на комисијата на ОН е контрадикторен и дека нема доволно докази за употреба на хемиско оружје од страна на режимот.
На едно новинарско прашање за тоа дали по овој извештај, Советот за безбедност ќе преземе чекори, Чуркин рече: „Мислиме дека нема никаков доказ за казна“.
Тврдејќи дека наодите во извештајот не се сигурни и дека нема никаква законска основа за казнување на режимот, Чуркин ја критикуваше комисијата дека не си ја исполнува својата мисија.
- Сирискиот режим трипати употреби хемиско оружје
Претседателката на независната комисија за истражување, Вирџинија Гамба, рече дека стојат зад извештајот и потенцира оти има доволно докази за тоа дека сирискиот режим трипати употребил хемиско оружје.
„Ние си ја завршивме работата, а нашата работа беше да утврдиме кој употребува хемиско оружје. Отсега натаму сѐ зависи од Советот за безбедност“, рече Гамба.
Во извештајот на комисијата стои дека минатата година, на 16. март, во Идлиб, режимските сили извршиле воздушен напад со хемиско оружје, односно фрлале барел-бомби и хлорни бомби.
Организацијата за забрана на хемиско оружје пак, во претходниот извештај утврди дека во Сирија, режимот употребил хемиско оружје во два реона, а пак, терористичката ДЕАШ во еден реон.