Ahmet Gürhan Kartal
08 Февруари 2019•Ажурирај: 09 Февруари 2019
ЛОНДОН (АА) - Телото извлечено од остатоците на авионот во каналот Ла Манш му припаѓа на аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала, потврди британската полиција доцна синоќа, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Телото донесено во пристаништето „Портланд“ во четвртокот, 7 февруари 2019 година, и официјално е идентификувано дека му припаѓа на професионалниот фудбалер Емилијано Сала“, се вели во соопштението на полицијата од Дорсет.
Се додава дека семејствата на Сала и на пилотот, Дејвид Ајботсон, се известени.
Во полициското соопштение се истакнува дека медицинските иследници ќе продолжат со работата за утврдување на околностите за настанување на смртта со поддршка од полицијата на Дорсет.
Телото беше пронајдено во остатоците на малиот авион, кој се урна во водите на каналот Ла Манш на 21 јануари.
Авионот патувал од Нант, Франција кон Кардиф, Велика Британија, кога исчезнал од радарите во близина на Каналските Острови. Во авионот патуваа само Сала и пилотот Ајботсон.
Вчера, Агенцијата за истражување на авионски несреќи (AAIB) соопшти дека од остатоците на авионот е извлечено едно тело.
Сала беше на пат да се приклучи кон својот нов клуб, Кардиф Сити, откако потпиша договор вреден 15 милиони фунти.
Тој играше за францускиот клуб Нант пред да се приклучи на Премиер лигата преку Кардиф Сити. Аргентинскиот напаѓач играше и во други француски клубови како Бордо и Кан. Имаше 28 години.