Mustafa Deveci
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
ЕРУСАЛИМ
На протестите низ Израел одржани по повод смртта на момчето со потекло од Етиопија, коешто го погоди полициски куршум, повредени се 47 полицајци, јавува Anadolu Agency (AA).
Низ Израел беа организирани протести откако во неделата во градот Кирјат Хаим, полицаец, во време кога не бил на должност, отворил оган и го усмртил 19-годишниот Соломон Теках, израелски државјанин со потекло од Етиопија.
Во неколку градови дојде и до судири меѓу демонстрантите и припадниците на полицијата.
Најмасовните протести се организирани во Тел Авив, каде што демонстрантите во близина на „Азриели тауер“ поставија барикади и блокираа двонасочна улица.
Група демонстранти на патот запалија гуми и ги нападнаа автомобилите што се обиделе да поминат низ тој дел на градот, а некои ги запалија.
Во соопштението на израелската полиција се наведува дека за време на протестите биле повредени 47 полицајци, а приведени биле 60 демонстранти.
Според израелските медиуми, во судирите со полицијата од 1997 година загинале вкупно 11 Етиопјани.
Израелските државјани со потекло од Етиопија, кои во Израел ги има околу 135.000, незадоволни се од односот на власта кон нив и тврдат дека се жртви на дискриминација, расизам и сиромаштија.
Се работи за доселеници кои претежно живеат во сиромашните краеви на земјата, а своето незадоволство често го искажуваат на протести.