Ali Semerci
27 Декември 2018•Ажурирај: 27 Декември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Според веста објавена на интернет-страницата на весникот „Едиот ахронот“ (Yedioth Ahronoth), во израелскиот Парламент е изгласано негово распуштање, со 2 гласа „против“ и 102 „за“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението што го објави Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се наведува дека премиерот ќе ја реализира својата утрешна посета на Бразил, и дека таа нема да биде скратена поради распуштањето на Парламентот.
Претходно, лидерите на партиите од коалицијата предводена од премиерот Нетанјаху донесоа одлука за распишување предвремени избори.
Во заедничкото соопштение објавено од страна на коалициските партии се истакнува дека планираните општи избори за ноември следната година се преместени за април. Израелските медиуми објавија дека изборите ќе се одржат на 9 април.
- Претходеа дебати околу предвремените избори
Поранешниот министер за одбрана на Израел, Авигор Либерман, критикувајќи го примирјето воведено по тензиите што се случија меѓу Израел и палестинските групи во Појасот Газа кој е под израелска блокада, на 14 ноември поднесе оставка.
Шули Муалем, пратеничка од партијата Еврејски дом, коалиционен партнер во израелската Влада, по оставката на Либерман од партијата Израел е наш дом, која во Парламентот има 5 пратеници, изјави: „Дојдено е време Министерството за одбрана да му се додели на Нафтали Бенет и на партијата Еврејски дом. Доколку оваа должност не му биде доделена на Бенет, нашата партија ќе ја напушти владината коалиција.“
Нетанјаху и Бенет имаа средба на 16 ноември, на која ја разгледуваа иднината на коалицијата, но Нетанјаху објави дека Министерството за одбрана ќе го води тој самиот.
Владината коалиција предводена од Бенјамин Нетанјаху, во израелскиот Парламент кој брои 120 места, ја претставуваа 66 пратеници. По оставката на Либерман, коалицијата ја сочинуваат 5 партии и критична бројка од 61 пратеник.