Ekipa
12 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
ПРИШТИНА (АА) - Со пребројани повеќе од 90 отсто од гласовите на предвремените општи избори во Косово, најголем број гласови доби алијансата „ПАН“, составена од партиите Демократска партија на Косово (ПДК), Алијансата за иднината на Косово (AAK) и Иницијатива за Косово (NİSMA), јавува Anadolu Agency (AA).
Според неофицијалните резултати што ги објави Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово, алијансата „ПАН” со освоени 34,65 отсто од гласовите се наоѓа пред останатите алијанси и политички партии.
По алијансата „ПАН“ следува Движењето „Самоопределување“ со освоени 26,59 отсто, додека на трето место со освоени 25,82 отсто, се наоѓа алијансата составена од Демократската лига за Косово (ЛДК), Нова косовска алијанса (АКР) и партијата Алтернатива. Српската листа се наоѓа на четвртото место со освоени 5,6 отсто од гласовите.
На плоштадот „Скендербег“ се собраа поддржувачите на ПДК-ААК-НИСМА (ПАН), која според последните неофицијални резултати на Централната изборна комисија (ЦИК) е на првото место, со најголем број освоени гласови, додека поддржувачите на движењето „Самоопределување“ се собраа на плоштадот „Захир Пајазити“.
На плоштадот „Скендербег“ пред народот зборуваше лидерот на Алијансата за иднината на Косово и кандидат за премиер, Рамуш Харадинај, кој на граѓаните им честиташе за најдобро одржаните избори.
„Тука сме да им се заблагодариме на сите за напорите што ги направивте и за укажаната доверба. На сите членови и на колегите од коалициските партии им честитам за победата. На Косово му честитам за изборите, знаеме дека нѐ чека многу работа, но ние сме заедно за да ги реализираме работите на Косово“, рече Харадинај.
Истовремено, Движењето „Самоопределување“ организираше прослава на Плоштадот „Захир Пајазити“, каде што се собраа голем број нивни активисти и симпатизери. Движењето „Самоопределување“ самостојно излезе на изборите, додека останатите големи албански партии на изборите излегоа со предизбори коалиции. Кандидатот за премиер на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, се обрати пред насобраната маса луѓе со зборовите:
„Победата е ваша. Народот победи. Победи храброста над стравот, надежта над очајот, љубовта над невнимателноста“.
Народот со огномет ги прослави изборните резултати, по што мирно се разотиде.