Nour Mahd Ali Abuaisha,Halime Afra Aksoy
30 Јули 2024•Ажурирај: 31 Јули 2024
ГАЗА (АА) - Цивилната заштита пронајде тела на убиени Палестинци во источниот дел на Кан Јунис по повлекувањето на израелската војска која влезе во населбата на 22 јули, и покрај тоа што претходно тоа подрачје го прогласи за безбедна зона, јавува Анадолу.
Шефот на владината Канцеларија за медиуми во Појасот Газа, Исмаил Севабите, за Анадолу изјави дека екипите на Цивилната заштита спроведуваат операција за пребарување и спасување во источниот дел на Кан Јунис, од каде што се повлекоа израелските сили.
Истакнувајќи дека досега се пронајдени телата на најмалку 42 убиени Палестинци, Севабите рече дека ситуацијата е исклучително тешка и дека стравуваат дека билансот на пронајдените тела значително ќе порасне откако ќе се прегледаат сите урнатини.
„Израелските сили опустошија станбени и јавни објекти и инфраструктура. Ова е класично воено злосторство извршено од израелските сили со оружје што им го подарија САД. Уништени се стотици згради во улиците кои се протегаат до 35 километри. Уништено е сè, дури и локалните гробишта“, рече Севабите.
Тој ја повика меѓународната заедница да изврши дополнителен притисок врз Израел да ги прекине нападите и да ги повлече своите сили од Појасот Газа.
Мухамед Мугајир од Цивилната заштита, пак, рече дека патиштата се непроодни и дека уништени се 90 отсто од инфраструктурата во источните делови на Кан Јунис, кој се наоѓа на југот на Појасот Газа.
Тој истакна дека операциите за пребарување се во тек и дека повеќе од 200 Палестинци се водат како исчезнати.
Израелските сили сè уште се присутни и вршат копнени напади во јужните делови на Кан Јунис.