Alma Dekovic
27 Октомври 2023•Ажурирај: 31 Октомври 2023
КУДС (АА) - Израелските сили ги блокираа улиците што водат до џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Кудс (Источен Ерусалим) за да ги спречат муслиманските верници да ја извршат петочната молитва (џума-намаз), јавува Анадолу.
Новинарите ја снимија интервенцијата на израелската полиција која во неколку наврати употреби солзавец кон групата луѓе.
На една од снимките што денеска ги објави Агенција Анадолу се гледа и дека комплексот Ал Акса е речиси празен пред денешната молитва.
„Само 5.000 Палестинци можеа и оваа недела да клањаат џума-намаз, петочната молитва на муслиманите, во џамијата Ал Акса, бидејќи Израел воведе старосни ограничувања“, рече претставник на Управата за исламски вакаф Ал-Кудс.
Израелските сили, кои презедоа интензивни безбедносни мерки со бариери на подрачјето на Стариот град, од утринските часови не ѝ дозволија на палестинската младина да влезе во Ал Акса.
Многу палестински момчиња на кои не им беше дозволено да влезат во Ал Акса клањаа во џамијата во дистриктот Ра' ал Амуд.
На новинарите на кои не им беше дозволено да влезат во Ал Акса, Израел повремено ги спречуваше да се јавуваат во програма од околината на џамијата и не им беше дозволено да снимаат.
Комплексот Ал Акса се простира на 15 отсто од површината на старото јадро на Кудс, кое е под израелска окупација, и претставува точка на спојување на трите најголеми религии во светот. По Месџиду-л Харем во Мека и Џамијата на пратеникот во Медина, Ал Акса е третото најважно место за муслиманите.