Ahmed Asmar
19 Март 2024•Ажурирај: 20 Март 2024
ГАЗА (АА) - Палестинскиот лидер на полицијата во Појасот Газа, Фајек Ал-Мабхух, убиен е во напад на израелските сили во северниот дел на блокираната палестинска енклава, пренесува Анадолу.
Канцеларијата за односи со медиумите при Владата во Газа соопшти дека бригадниот генерал Ал-Мабхух, шеф на полициските операции во Газа, е убиен во израелската рација на болницата Ал-Шифа во градот Газа.
Во соопштението се наведува дека Ал-Мабхух бил одговорен за координацијата на влезот на хуманитарната помош со палестинските племиња и Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (УНРВА) во северниот дел на Појасот Газа.
„Ова злосторство покажува дека Израел настојува да го прошири хаосот во Газа и да го спречи пристигнувањето на хуманитарната помош за стотици илјади гладни луѓе во северниот дел на Газа“, се вели во соопштението.
Израелската војска од своја страна објави дека е убиен шефот на службата за внатрешна безбедност на Хамас.
Во соопштението војската наведе дека добила разузнавачки информации од својата безбедносна служба Шин Бет и Воената разузнавачка служба за присуство на неколку лидери на Хамас во болницата Ал-Шифа.
Вчера израелската војска објави дека нејзините сили влегле во болницата Ал-Шифа во која се сместени илјадници болни и ранети пациенти, како и раселени лица.