Muhammet Nazım Taşcı
07 Мај 2020•Ажурирај: 08 Мај 2020
ХАЈДАРАБАД
Во индиската сојузна држава Андра Прадеш, во градот Визагапатнам дошло до истекување на хемиски гас од еден индустриски објект од кој животот го загубиле најмалку 8 лица, меѓу кои и едно дете, а повеќе од 1.000 се разболеле, јавува Агенција Анадолија (АА).
Индиските медиуми објавија дека од еден објект на компанијата „LG Polymers“, која била затворена поради пандемијата на Ковид-19 и се подготвувала повторно да започне со работа, во раните утрински часови започнал да истекува синтетички хемиски стирен.
Властите информираа дека со почетокот на истекувањето на хемискиот гас, луѓето што живееле во радиус од 3 километри од индустрискиот објект, од различни причини, како што се потешкотии при дишењето, печење во очите и други проблеми, тргнале кон болница, но поголемиот дел од нив изгубиле свест и паднале на патот.
Околу 200 лица со амбулантни возила се префрлени во болница, а лицата што живееле во околината на индустрискиот објект се оддалечени од подрачјето.
Животот го загубија 8 лица, меѓу кои и едно дете на 8-годишна возраст, а повеќе од 1.000 лица се разболеле.
На фотографиите објавени во индиските медиуми може да се забележи како лицата што бегале поради истекувањето на гасот, лежат онесвестени на улиците.
Премиерот Нарендра Моди, во изјавите дадени на социјалните мрежи истакна дека го следи настанот и се моли за лицата погодени од истекувањето на гасот.