Zehra Ulucak
02 Јануари 2020•Ажурирај: 03 Јануари 2020
АНКАРА/ПЕРТ - Во пожарите, што од септември пустошат низ Австралија и повремено навлегуваат во населените места, животот го загубија 18 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), во австралиските држави Нов Јужен Велс и Викторија, поради пожарите што не можат да се стават под контрола, оваа недела се исчезнати 17 лица.
Во пожарите, кои од септември продолжуваат на различни точки и кои уништија површина од околу 5 милиони хектари, животот го загубија 18 лица, а во двете држави се пеплосани повеќе од 1.200 куќи.
Властите информираа дека неделава во Викторија изгореле 68, а во соседниот Нов Јужен Велс 381 куќа. Во продолжение наведуваат дека во двете држави пожарите се активни на приближно 200 точки.
Се очекува високите температури и ветерот во текот на викендот уште повеќе да ги влошат животните услови, поради што илјадници лица започнаа да ги напуштаат своите домови од источниот брег на земјата.
Властите на Нов Јужен Велс уште во утринските часови побараа од туристите што е можно порано, пред сабота, да го напуштат источниот брег во должина од 250 километри. Ваквата состојба беше оценета како „ досега најголемо колективно евакуирање на луѓе кои не потекнуваат од регионот“.
На автопатиштата кои водат кон Сиднеј и Камбера се формираше долга колона од возила. Се истакнува дека поголемиот дел од овие возила се на луѓе кои поради пожарите го прекинале својот одмор.
Во некои подрачја, каде што пожарите сè уште беснеат, прекинат е сообраќајот на патиштата поради соборени дрвја или поради опасноста од дрвја што можат да паднат. Во исто време се формираа долги колони возила пред супермаркетите и бензиските пумпи.
Со приближувањето на пожарите кон населените места, околу 4.000 лица претходниот ден се засолнија на крајбрежјето, на доковите и на бродовите во крајбрежниот град Малакута во државата Викторија. Најавено е дека приближно 500 лица со брод на Морнарицата ќе бидат евакуирани од подрачјето.
Премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус, за медиумската куќа „Еј-би-си“ (ABC) изјави: „Сметаме дека во Малакута има приближно 3.000 туристи и околу 1.000 лица од локалното население. Сите тие нема да сакаат да го напуштат подрачјето, сите истовремено нема да можат да се качат на бродот.“
Се истакнува дека за илјадници лица што се засолнија во подрачјето на брегот на Малакута, каде што нема електрична енергија и сообраќајот е во прекин, испратени се вода за пиење, храна и гориво со воени бродови и авиони.
Од друга страна, премиерот на Австралија, Скот Морисон, за медиумите изјави дека „пожарите што траат со месеци, ќе продолжат додека не започнат дождовите“.