Emre Aytekin
01 Октомври 2018•Ажурирај: 02 Октомври 2018
ПАЛУ/АНКАРА (АА) - Спасувачките екипи и понатаму ги пребаруваат урнатините на индонезискиот остров Сулавеси, кој беше погоден од разорен земјотрес по кој следеше и цунами, пренесува Anadolu Agency (AA).
Индонезиската Цивилна заштита соопшти дека како резултат на земјотресот и цунамито од петокот, на островот Сулавеси животот го загубиле најмалку 1.203 лица.
Спасувачките екипи и понатаму трагаат по преживеани, а тимовите на Агенцијата за справување со катастрофи копаат масовни гробници во кои ќе бидат погребани жртвите, особено во градот Палу, кој беше најтешко погоден од катастрофата.
Преставникот на Агенијата, Вилем Рампангилеи, соопшти дека телата на загинатите мора што побрзо да се погребаат поради здравствени и верски причини.
Воениот командант Тиопан Аритонанг истакна дека во текот на денот од мртовечниците ќе бидат преземени и погребани 545 тела.
Тој нагласи дека сите настрадани се евидентирани, вклучувајќи и фотографии на телата, и додаде дека семејствата допонително ќе можат да го дознаат местото на кое се погребани.
Портпаролот на индонезиската војска, Мухамед Торир, рече дека гробницата е ископана покрај градските гробишта во Палу, и во неа ќе бидат погребани до илјада жртви.
Поради уништените патишта и другите комуникации, спасувачките екипи сè уште не пристигнале во местата Донгала, Сиги и Париги Маунтог во северниот дел на Палу.
Станува збор за подрачје со 1,2 милиони луѓе, а властите стравуваат дека билансот на жртвите може значително да се зголеми кога ќе се откријат и последиците од земјотресот и цунамито во тие делови на островот.
Паралелно со тоа, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, им одобри пристап на меѓународните хуманитарни организации во загрозеното подрачје.