Arif Yusuf,Safiye Karabacak
25 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
ЗИКАР
Според полициски извори, во антивладини демонстрации во ирачката провинција Зикар во Ирак, некои демонстранти фрлале молотови коктели кон новата зграда на гувернерството, по што зградата била опожарена, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поради пожарот зградата на гувернерството е оштетена.
Во демонстрациите одржани минатиот месец во провинцијата Зикар во јужен Ирак, во многу области беа запалени владините згради, вклучувајќи ја и канцеларијата на гувернерот.
Шест демонстранти го загубија животот, а 158 лица се повредени како резултат на интервенцијата на безбедносните сили во антивладините демонстрации во провинциите Басра и Зикар.
- Затворени се канцелариите на 13 телевизиски и радиоканали
Националната комисија за комуникации и медиуми во Ирак, со образложение дека се „прекршени правилата за професионална работа“ донесе одлука за затворање на 8 сателитски канали и 5 радиостаници, а до 5 сателитски канали упати предупредување.
На состанокот на Управниот одбор, Комисијата во четвртокот донесе одлука за тримесечно затворање на телевизиските канали „Ел Хадес“, со седиште во Саудиска Арабија, „Анб“ со седиште во Либан и „НРТ“, „Диџле“, „Еш-Шаркије“, „Ел- Фелуџе“, „Ер-Рашид“ и „Ова е Багдад“, кои емитуваат програма од Курдската регионална управа во Ирак.
Комисијата исто така одлучи да ги затвори канцелариите на американските радиоканали „Ел-Хура Ирак“ и „Сава“ и локалните радиостаници „Радио ен-Нас“, „Бугун“ и „Нава“.
Во Ирак, Здружението за одбрана на слободата на медиумите, одлуката на Комисијата ја опиша како „диктаторско однесување“ и истакна дека се загрижени од одлуките.
Во изјавата на Здружението истакнато е дека одлуките се во спротивност со Уставот и законите кои ја гарантираат слободата на медиумите.
Здружението го повика ирачкиот Парламент да ги испита членовите на Националната комисија за комуникации и медиуми за произволни однесувања кон овие медиуми.
Покрај тоа, здружението од Владата побара да ги поништи овие одлуки и да стави крај на решенијата со кои се „замолчуваат медиумите“.
- Крвави демонстрации во Ирак
Ирачаните организираат протести во различни делови од земјата поради невработеноста, корупцијата и недостигот на јавни услуги. Протестите започнаа на 1 октомври. Досега загинаа над 300 лица, а повеќе од 15.000 се повредени.
За време на тековните демонстрации во градовите од централниот и јужниот дел и во главниот град Багдад, демонстрантите реагираат и на Иранците што се наоѓаат во земјата.
Демонстрантите, кои немаат доверба во владините реформски пакети, бараат оставка од премиерот Адил Абдулмехди кој им нареди на безбедносните сили да употребат сила против демонстрантите. Во исто време се бара и оставка на Владата, која ја обвинуваат за корупција.