Esra Tekin
23 Април 2025•Ажурирај: 24 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Иран соопшти дека техничките преговори на експертско ниво со Соединетите Американски Држави (САД) првично закажани за денес во Оман се одложени за 26 април, јавува Анадолу.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Бакеи, ја даде изјавата вчера, објави државната иранска новинска агенција ИРНА.
„Одлуката се заснова на предлог на Оман и со заеднички договор на иранската и американската делегација“, истакна Бакеи.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, го опиша вториот круг од индиректните нуклеарни преговори меѓу Иран и САД во Рим, што се одржа на 19 април, како „конструктивен“.
Тој рече дека четиричасовната сесија се одржала со посредство на Оман.
Говорејќи за иранските медиуми по завршувањето на преговорите, Арагчи потврди дека следната рунда ќе се одржи во Мускат.
Тој рече дека Техеран и Вашингтон постигнале „подобро разбирање“ за голем број принципи и цели, иако не навлезе во детали.
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воена акција против Иран доколку не се постигне нов договор за замена на нуклеарниот договор од 2015 година, постигнат под администрацијата на Обама.