Şeyma Uzundere
05 Ноември 2021•Ажурирај: 08 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Спроведено истражување откри дека доколку продолжат сегашните стапки на глобално затоплување, 80 % од Малдивите можно е да станат непогодни за живеење до 2050 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според „Еј-би-си њуз“ (ABC News), истражувањето спроведено од Геолошкиот институт на САД (USGS) и американската Национална администрација за аеронаутика и вселена (НАСА) покажа дека порастот на нивото на морињата поради климатските промени директно ги загрозува Малдивите, кои се простираат на 1.192 острови.
Истражувањето открива дека со сегашната стапка на глобално затоплување, 80 % од Малдивите се соочуваат со опасноста да исчезнат до 2050 година.
Ибрахим Мухамед Салех, претседателот на Малдивите, во своето обраќање на 26. Конференција на Обединетите нации (ОН) за климатски промени (COP26), изјавувајќи дека островите еден по еден се поплавуваат нагласи: „Ако не го промениме овој тренд, Малдивите ќе исчезнат до крајот на овој век.“
Мухамед Нашид, едно од важните имиња во борбата против климатските промени и поранешен претседател на земјата, истакна дека кај 90 % од островите се забележува ерозија, а 97 % од островите се лишени од слатководни подземни ресурси.
Министерката за животна средина, климатски промени и технологија, Аминат Шауна, во својата проценка за ситуацијата изјави: „Го доживуваме она што мислевме дека ќе се случи кон крајот на векот.“
Покрај ова, Шауна истакна дека повеќе од 50 % од националниот буџет на земјата се троши за да се биде во тек со климатските промени и посочи дека тоа може да ги принуди жителите на Малдивите да мигрираат.