Hajer M'tırı
23 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ПАРИЗ (АА) - Градоначалниците на 12-те најголеми светски градови денес потпишаа декларација за купување автобуси со нулта емисија на гасови до 2025 година, за да ги ослободат главните области од емисии на фосилни горива до 2030 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Градоначалникот на Лос Анџелес исто така ја критикуваше намерата на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за климатските промени од Париз.
На состанокот во текот на двата дена во Париз, како дел од мрежата градови, градоначалниците на Лондон, Париз, Лос Анџелес, Кејп Таун, Копенхаген, Барселона, Кито, Ванкувер, Мексико Сити, Милано, Сиетл и Оукленд потпишаа Декларација за некористење на фосилни горива.
C40 е мрежа на најголемите светски градови кои се посветени на справување со климатските промени.
Според Декларацијата, крајната цел на градоначалниците на големите градови не е само намалување на загадувањето на воздухот и справување со глобалното затоплување, туку и спроведување на Парискиот договор за климатските промени од 2015 година, за спречување на емисијата на стакленички гасови.
„За да ја исполниме оваа обврска, ќе ги трансформираме нашите градови преку политики на планирање што се корисни за луѓето, зголемувајќи ја стапката на пешачење, возење велосипед, користење јавен и заеднички превоз кој е достапен за сите граѓани, намалување на бројот на возила-загадувачи на нашите улици и некористење на фосилни горива за возилата“, се согласија тие.
Во своето обраќање на заедничкиот брифинг, на којшто секој од градоначалниците ги кажа своите планови за својот град, градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарсети рече: „Глобалните климатски промени не само што постојат, туку и имаат влијание. Тоа не е прашање на политика, туку прашање на живот“.
Осврнувајќи се на Парискиот климатски договор од 2015, тој рече: „Кога Трамп се повлече, 382 американски градови се обврзаа да ги исполнат целите на Парискиот договор“.
На состанокот на Конференцијата за климатски промени во Париз во 2015 година, на 12 декември беше постигнат првиот правно обврзувачки и универзален договор за климатските промени, за повеќе од 20 години преговори на ОН.
Сепак, американската администрација во август го издаде своето прво писмено известување до ОН дека има намера да се повлече од договорот.
Трамп тврди дека договорот ги казнува САД и ќе чини милиони работни места.