Abdullah Aşıran
27 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
ХАГ (АА) - Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОЗХО) започна истражување околу тврдењата дека во Сирија се користи хемиско оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите добиени од дипломатски извори, ОЗХО започнала истрага по зачестените вести дека во февруари годинава, режимот на Асад во нападите врз подрачјето на Источна Гута што е под негова блокада, повеќепати употребил бомби со хлорен гас.
Режимот на Асад, во неделата, само еден ден откако Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) донесе одлука за 30-дневен прекин на огнот во оваа земја, изврши напад со хемиско оружје во Источна Гута. Во нападот животот го загубија 16 цивили.
Според обврските што ОЗХО му ги наложи на режимот, по 19 август 2014 година Асад требаше да прекине со употребата на хемиското оружје. Инаку, силите на режимот, на 21 август 2013 година во Дамаск, во подрачјето на Источна Гута извршија напад со хемиско оружје во кој животот го загубија повеќе од 1.400 цивили, по што ОЗХО одреди период за уништување на резервите од хемиско оружје на силите на режимот.
САД коишто имаа изјавено дека хемискиот напад на територијата на Сирија е „црвената линија“ на Америка, соопштија дека ќе извршат агресија врз Сирија, но Русија даде предлог по кој интервенцијата беше спречена. Откако ОЗХО соопшти дека се уништени сите резерви со хемиско оружје во Сирија, режимот на Асад, освен за убивање, започна да спроведува и хемиски напади со цел да го заплаши цивилното население и да го присили на миграции.
Заедничката истражна мисија (ЗИМ) на ОН и ОЗХО на 27 октомври 2017 година на Советот за безбедност на ОН му го предаде извештајот во кој се вели дека режимот е одговорен за употреба на хемиско оружје во нападот извршен на 4 април 2017 година во подрачјето на Хан Шејхун, во кој се убиени најмалку 100 цивили.
Одлуката на Заедничката истражна мисија не е доволна одговорните за масакрот да одговараат пред Меѓународниот кривичен суд. Бидејќи Сирија не е членка на Меѓународниот кривичен суд, потребно е СБОН да го испрати режимот пред Меѓународниот кривичен суд. Бидејќи Советот за безбедност на ОН сѐ уште не презеде ваков чекор, режимот на Асад продолжува со користењето на хемиско оружје.