Bahattin Gönültaş
27 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
АНКАРА (AA) - БАХАТИН ЃОНУЛТАШ - По отворањето кон Африка, во изминатата деценија и пол Турција шесткратно ја зголеми трговската размена со земјите од тој континент и таа моментално изнесува 17,5 милијарди долари, пишува Anadolu Agency (AA).
Република Турција во изминатите 15 години ја интензивираше економската соработка со африканските земји и ги подигна политичките односи со тој регион на повисоко ниво.
Доаѓањето на турските инвеститори во африканските земји придонесе за развојот на тој регион, а економските односи се развиваат по принципот на корист за двете страни.

Турција во тој период потпиша договори за трговска и економска соработка со вкупно 45 африкански држави. Директните турски инвестиции во Африка во 2003 година изнесувале 100 милиони, а минатата година достигнаа износ од речиси 6,5 милијарди долари.
Турските претприемачи во Африка отворија 78.000 нови работни места. Турските фирми по договорите реализирале проекти во вредност од 55 милијарди долари во тој регион.
Република Турција во 2003 година имаше 12 амбасади на африканскиот континент, а по отворањето кон тој регион се отворени уште 29 турски амбасади.
Авиокомпанијата „Туркиш Ерлајнс“ (Turkish Airlines) моментално има постојани летови до 52 места во 33 африкански држави.
Реџеп Таип Ердоган во изминатите десет години како премиер или како претседател на Турција патуваше во официјални посети на 28 африкански држави. Во изминатите 2 години турскиот претседател Ердоган посети 15 африкански држави.
Турскиот Одбор за меѓународни економски односи (DEIK) воспостави совети за бизнис-соработка со вкупно 42 земји од Африка.
Турските стопанственици нагласуваат дека работата во Африка значително ќе им биде олеснета поради отворањето на турски банки во тој регион.
Властите на Република Турција најавуваат и интензивирање на соработката со африканските земји. Наредната година ќе биде организиран и Самит на турско-африканското партнерство.
Самитот на ниво на претседатели на држави ќе биде одржан во Турција, и ќе биде добра можност за согледување на дополнителните потенцијали за унапредување на сорабоката помеѓу Турција и Африка.