Giovanni Legorano
17 Јануари 2024•Ажурирај: 18 Јануари 2024
РИМ (АА) - Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, денес изјави дека на Газа ѝ е потребна „цивилна влада“ и дека сите земји од Г-7 работат во насока на дводржавно решение за конфликтот, јавува Анадолу.
„Ќе им повторам на израелските власти дека Италија има цел 'цивилна влада' во Палестина и дводржавно решение. Два народа, две држави се единствено можно решение, иако е тешко“, изјави тој за новинарите на прес-конференцијата за приоритетите на годинашното италијанско претседателство со Г-7.
„Дали тоа е сон? Понекогаш невозможните соништа можат да се остварат и мора да ги следиме. Сите земји од Г-7 работат со оваа цел.“
Тајани рече дека цели на италијанското претседавање со Г-7 ќе бидат меѓународната кохезија и стабилност, при што приоритет ќе биде стабилизирањето на Блискиот Исток, каде што Италија ќе работи на деескалација на конфликтот.
За таа цел, рече тој, ќе замине во дипломатска мисија во Израел, Либан и Палестина во наредните денови „за да донесе порака за мир и дијалог“.
„Не сакаме ситуацијата да се влоши, нашите иницијативи одат во таа насока. Се движиме на многу балансиран начин. Го осудивме нехуманиот напад на Хамас и бараме ослободување на заложниците. Од самиот почеток го повикавме Израел да има пропорционална реакција“, рече тој.
Тој додаде дека цивилното население во Газа нема одговорност, велејќи дека „сите Палестинци не се терористи“.
„Сквернавењето на труповите е чин на кукавичлук. Она што се случи е воено злосторство за кое не зборуваме доволно“, рече тој.
Израел му објави војна на Хамас по прекуграничната офанзива на групата на 7 октомври, во која се смета дека се загинати околу 1.200 Израелци, а зедени се уште 240 заложници.
Во израелското бомбардирање на Газа, управувана од Хамас, досега загинаа повеќе од 24.000 луѓе, повеќето жени и деца, а раселени се 1,9 милиони од над 2,2 милиони жители на енклавата. Нападите, исто така, доведоа до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
САД предложија ревитализирана палестинска управа да ја преземе одговорноста во Газа по завршувањето на конфликтот, обединувајќи ја својата администрација со Западниот Брег, предлог што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одби да го прифати.