Barış Seçkin
23 Декември 2016•Ажурирај: 24 Декември 2016
РИМ (АА) - Тунижанецот Анис Амри, осомничен дека во понеделникот извршил напад со камион на божиќниот пазар во Берлин, загинал во престрелка со полицијата утринава во Милано, потврди италијанскиот министер за внатрешни работи, Марко Минити, јавува Anadolu Agency (AA).
Со ова е завршена големата потерница по осомничениот ширум Европа. „Извршените проверки по престрелката во миланскиот кварт Сесто Сан Џовани покажаа дека без никаков сомнеж, наутрализираното лице, Анис Амри, е осомничениот за терористичкиот напад во Берлин“, истакна Минити.
Амри извесно време помина во затвор во Италија, а утринава во Милано беше запрен од двајца полицајци. Кога тие побарале да ги покаже документите за идентификација, тој извадил пиштол од ранецот, а потоа загинал во престрелката. Минити потврди дека во инцидентот е ранет еден полицаец, кој е надвор од животна опасност. Другиот полицаец смртно го ранил Амри.
Засега е нејасно како Амри патувал од Берлин до Милано. Германските власти во средата, два дена по нападот издадоа потерница по него на територијата на Европа. Познато е дека Амри се криел под најмалку шест различни имиња и три националности за време на своите патувања во Европа. Тој го напуштил Тунис во 2011 година, по Арапската пролет.
Амри отслужи и тригодишна затворска казна во Италија за подметнување пожар во бегалски центар и поради закани. Неколкупати беше преместуван во сицилијанските затвори, поради лошото однесување и поради жалбаите од затворениците дека ги малтретирал и предизвикувал бунт.