Zehra Ulucak
15 Август 2019•Ажурирај: 16 Август 2019
АНКАРА (АА) - Премиерот на Пакистан, Имран Кан, ја предупреди меѓународната заедница на индиската политика кон Џаму и Кашмир, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Пакистан на својот профил на Твитер реагираше на ограничувањата на Индија што ги воведе во последните две недели во подрачјето на Џаму и Кашмир.
Истакнувајќи дека состојбата во регионот може да се влоши, Кан нагласи: „Дали светот тивко ќе биде сведок на уште еден масакр и етничко чистење на муслиманите во Кашмир кој се наоѓа под индиска окупација, слично на тие од Сребреница? Би сакал да ја предупредам меѓународната заедница дека, ако тоа го дозволи, развојот на настаните ќе има силни реперкусии и реакции што ќе доведат до радикализација и насилства во муслиманскиот свет.“
Кан оцени дека ограничувањата на муслиманите во Џаму и Кашмир и присуството на дополнителни војници во веќе окупираната област е слична со примерот за етничко чистење на муслиманите во државата Гуџарат која претходно ја спроведе индискиот премиер Нарендра Моди.
Во својот говор, вчера, во законодавното Собрание во главниот град на Азад Кашмир, Музафарабад, Кан изјави дека индискиот премиер Нарендра Моди направил стратешка грешка со тоа што од Џаму и Кашмир направил меѓународен проблем. Тој, исто така рече дека таа грешка скапо ќе го чини и него и Владата на Народната партија на Индија.
Пакистанското Министерство за надворешни работи на 12 август соопшти дека интервенцијата на Индија кон верските слободи на муслиманите во Џаму и Кашмир за време на Курбан бајрам е спротивна на човековите и универзалните права.
Во соопштението, исто така се истакнува дека во Џаму и Кашмир продолжува забраната за излегување на улица и забраната за пристап до интернетот.
- Индија го укина специјалниот статус на Џаму и Кашмир -
Индиските власти го укинаа специјалниот статус на спорниот регион Џаму и Кашмир. Министерот за внатрешни работи на Индија, Амит Шах, го прочита тогашниот Предлог-закон за измени и надополнувања на Законот, со кој се укинува членот 370 од индискиот Устав, кој го регулира статусот на споменатите региони.
Двете единици ќе имаат одвоени собранија со кои ќе раководи централната власт.
Членот 370 на тој регион му овозможуваше сопствен устав, одделно знаме и независност по сите прашања, освен за надворешната политика, одбраната и комуникациите.
Пакистан и Индија во 1947 година за првпат влегоа во војна за Кашмир. Поради истата причина, двете земји повторно војуваа во 1965 и во 1999 година.
Индија контролира околу 45% од Кашмир, Пакистан околу 35%, а Кина 20%. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е една од доминатно муслиманските покраини во Индија.
Пакистан на делот од Кашмир кој е под негова контрола му додели статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит-Балтистан.
Советот за безбедност на Обединетите нации со низа резолуции предвидува статусот на Кашмир да се реши со волјата на тамошното население и тој регион да се демилитаризира. Такво сценарио застапува и Пакистан, но не и Индија.
По укинувањето на специјалниот статус на Џаму и Кашмир од страна на Индија, Пакистан официјално ги прекина трговските односи со овие земји.