Hakan Çopur
13 Јануари 2017•Ажурирај: 13 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Кандидатот за директор на Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА), републиканецот Мајк Помпео ја обвини Москва дека на претседателските избори интервенирала со хакерски напади. Тој рече оти не се сомнева во тоа дека Русија сака да ѝ наштети на американската демократија, јавува Anadolu Agency (AA).
Помпео, кој веќе три мандати ја претставува сојузната американска држава Канзас во Сенатот, на седница на Сенатот одговараше на прашањата на сенаторите во врска со својата кандидатура во комитетот за разузнавање.
Тој ги поддржува тврдењата дека на претседателските избори на 8. ноември, Русија интервенирала преку хакерски напади, и во врска со тоа изјави: „Не се сомневам во тоа дека Русија сака да ѝ наштети на нашата демократија“.
Според Помпео, извештаите на разузнавачката служба се сигурни, а во врска со тоа какви мерки треба САД да преземе против ваквите напади, тој во Сенатот не даде задоволителен одговор.
Кандидатот на Трамп за министер за одбрана, пензионираниот генерал Џејмс Матис, на седницата во Сенатот ја обвини Русија коментирајќи дека треба да се изврши поголем притисок врз Москва.
- Помпео е против „вотербординг“
Помпео истакна дека во ниту еден случај нема да го поддржи методот што во еден период го користеше ЦИА како „напредна техника за испрашување“, техниката наречена „вотербординг“, која симулира давење кај затворениците.
На прашањето на сенаторите: „Ако е наредба од Трамп, нема ли да ја почитувате“, Помпео рече: „Никако“, и додаде оти не верува дека Трамп ќе побара такво нешто. Со овие зборови, Помпео направи спротивна слика за Трамп, кој за време на предизборната кампања велеше дека е можно повторно да се користат техники како што е „вотербординг“.
- Прекин во електричната енергија
Од друга страна, во првите минути на седницата за Помпео се случи прекин во електричната енергија. Седницата беше одложена за половина час, а беше соопштено дека прекин на електричната енергија имало во повеќе делови од истата зграда.
Прекинот на електричната енергија се случи за време на изјавите на Помпео за тоа дека Русија вршела хакерски напади, а во врска со тоа, некој од присутните рече: „Русија продолжува со нападите“, што беше причина за шеги во просторијата. Седницата продолжи откако присутните преминаа во другата зграда на Сенатот.
За време на истрагата за нападот врз американската амбасада во Бингази, Либија, Помпео беше на функција во комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, при што упатуваше остри критики против Хилари Клинтон, а тоа му донесе поени и се издигна на високо место во партијата.
Помпео е голем противник на договорот за нуклеарната програма со Иран. Тој исто така смета дека поранешниот советник на Агенцијата за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден, кој објави тајни документи во јавноста, треба да се прогласи за предавник и треба да биде погубен.