Ayşe Doğru
04 Февруари 2022•Ажурирај: 05 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Со 10 милиони смртни случаи во 2020 година, карциномот е втора водечка причина за смртност во светот. На глобално ниво секоја шеста смрт е поради карцином.
Агенција Анадолија (АА) собра податоци за глобалниот тек на болеста, додека светот го одбележува Светскиот ден на карциномот на 4 февруари.
Според податоците на Светскиот фонд за истражување на карциномот (WCRF) и Американскиот институт за истражување на карциномот (AICR), 18,1 милион нови случаи на карцином биле идентификувани на глобално ниво во 2020 година, од кои 9,3 милиони биле кај мажи, а 8,8 милиони биле кај жени.
Карциномот на дојка е најчестиот карцином во светот со 2,26 милиони случаи откриени во светот во 2020 година, а го следат карциномот на бели дробови со 2,06 милиони, карциномот на дебело црево со 1,93 милиони, карцином на простата - 1,41 милион случаи и карцином на желудник - 1,09 милиони случаи, според податоците.
Карциномот на дојка сочинува 12,5 проценти од сите случаи на карцином, карцином на бели дробови - 12,2 проценти, карцином на дебело црево - 10,7 проценти, карцином на простата - 7,8 проценти и карцином на желудник - 6 проценти.
Бројот на случаи сразмерно на населението е 2,5 пати поголем во развиените земји отколку во неразвиените.
Во 2018 година, 296 случаи на карцином на 100.000 луѓе биле регистрирани во развиените региони, додека бројот на случаи во неразвиените региони бил 115.
Сепак, утврдено е дека карциномот на матка кај жените е трипати почест во неразвиените земји отколку во развиените земји.