Kasım İleri
04 Февруари 2022•Ажурирај: 05 Февруари 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, истакна дека блиските односи со Кина нема да ѝ помогнат на Русија да го намали влијанието на санкциите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На дневната прес-конференција, осврнувајќи се на руско-украинската криза, Прајс повтори дека доколку Русија влезе во Украина, ќе биде подложена на тешки санкции од страна на САД.
Одговарајќи на прашање дека Русија се обидува да воспостави блиски односи со Кина за да го намали влијанието на овие санкции, Прајс рече дека инвазијата врз Украина нема да влијае само на оваа земја и Европа, туку и на земјите надвор од регионот, вклучително и Кина.
Прајс истакна дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средбата со својот кинески колега, министерот за надворешни работи, Ванг Ји, рекол дека глобалните безбедносни и економски ризици од руската агресија ќе бидат огромни и потсети дека од тоа ќе биде погодена и Кина.
„Ако Русија мисли дека ќе може да компензира и ублажи некои од овие последици со воспоставување поблиски односи со Кина, всушност, тоа не е така. На многу начини тоа ќе придонесе руската економија да биде покревка. На пример, ако погледнете од каде доаѓаат главните влезни технологии, [ќе видите дека] тие, сепак, доаѓаат од Запад. Тие ќе бидат лишени од способноста за трговија со Запад, увоз од Запад - од Европа, од Соединетите Американски Држави“, рече Прајс.
Тој, исто така, истакна дека имаат многу алатки кои можат да ги користат против меѓународните компании кои ќе работат со Русија за да го намалат влијанието на американските санкции.
Американската државна потсекретарка Викторија Нуланд, претходно, знаејќи го влијанието на Кина врз Москва, побара да влијае врз Русија за да се откаже од можната операција во Украина.