Ahmet Gürhan Kartal
14 Октомври 2019•Ажурирај: 15 Октомври 2019
ОВИЕДО
Дванаесет каталонски сепаратистички лидери се обвинети за дела меѓу кои и противдржавно дејствување (бунт), непослушност и злоупотреба на јавните средства, соопшти шпанскиот Врховен суд, јавува Anadolu Agency (AA).
Седуммина политичари и двајца активисти ќе отслужат казна помеѓу 9 и 13 години за нивната улога во неуспешниот обид за добивање независност од Шпанија пред две години.
Во октомври 2017 година, каталонската Влада организираше референдум за независност, кој според шпанскиот закон беше противзаконски. И покрај полициските мерки за негова забрана, организаторите објавија дека 43 отсто од жителите гласале на референдумот, од кои 90 отсто од гласачите се изјасниле за независност.
Во наредните недели, каталонската Влада излезе со неодредена Декларација за независност, но шпанските власти наскоро ги уапсија лидерите на движењето. Сепак, неколку лидери, меѓу кои и поранешниот премиер на Каталонија, Карлес Пиџдемон, успеаја да побегнат од Шпанија и да избегнат притвор.
Денешните затворски казни се изречени на оние што останаа во Шпанија. Најдолгата казна затвор, 13 години, ја доби Ориол Жункерас, поранешен вицепремиер во регионот. Тој беше обвинет за противдржавно дејствување и за злоупотреба на средства.
Раул Ромева - поранешен министер за надворешни работи на Каталонија; Хорди Турул - поранешен портпарол на Владата и Долорс Баса - поранешен министер за труд, се осудени на 12 години затвор. Карме Форкадел, поранешниот спикер на каталонскиот Парламент, доби казна од 11 и пол години. Хоаким Форн, поранешниот министер за внатрешни работи и Јосеп Рал, поранешен територијален министер, беа обвинети за противдржавно дејствување и осудени се на 10 и пол години затвор.
Двајцата каталонски активисти кои раководеа со сепаратистички организации, но во тој период не беа активни политичари, Хорди Санчез и Хорди Куиксарт, се осудени на 9 години затвор.
Тројца други владини претставници се обвинети за непочитување на законите и се казнети со парична казна од 60.000 евра.
Деветтемина лидери кои добија најтешки затворски казни, исто така се обвинети за бунт, кој носи казна затвор до 25 години. Тие обвиненија беа отфрлени, бидејќи, според Врховниот суд, лидерите директно не повикувале на големи насилства.
Денеска се очекуваат масовни протести и граѓанска непослушност низ целиот регион на Каталонија.