Ekipa
06 Октомври 2018•Ажурирај: 07 Октомври 2018
СРИНАГАР (АА) - Полицијата во Кашмир, од делот што е под контрола на Индија, соопшти дека 15 лица загинале, а најмалку 17-мина се повредени, кога пренатрупан минибус од планински пат паднал во клисура, пренесува Anadolu Agency (AA).
Полицијата наведе дека минибусот, со капацитет од 22 седишта, превезувал најмалку 32 патника, во моментот кога од планинскиот пат на Хималаите паднал во клисурата во близина на градот Рамбан.
Полициската службеничка Анита Шарма изјави дека возилото паднало во длабока клисура, веројатно откако возачот ја загубил контролата над возилото.
Таа додаде дека повредените се префрлени во болница, а меѓу нив петмина се наоѓаат во критична состојба.
Индија ги има најсмртоносните патишта во светот на кои годишно, животот го губат повеќе од 110.000 луѓе. Во поголемиот број сообраќајни несреќи, причина се несовесно возење, лошо одржуваните патишта и старите возила.