Saadet Gökce
24 Јуни 2026•Ажурирано: 24 Јуни 2026
Кина денес застана во одбрана на својот нов закон за етничко единство, што треба да стапи на сила на 1 јули, нагласувајќи дека тој е во согласност со „меѓународната практика“, јавува Анадолу.
Кинескиот закон за унапредување на етничкото единство и напредок предвидува правна одговорност за организациите и поединците надвор од Кина кои се вклучени во активности што ја „поткопуваат етничката солидарност и напредок, или поттикнуваат етнички сепаратизам“, изјави денес на прес-конференција министерот за правда, Ху Веилие.
„Тие го извртуваат, погрешно го толкуваат, па дури и го клеветат како екстратериторијална јурисдикција или прекугранична правна власт. Ваквото мислење не е објективно и е во спротивност со владеењето на правото. Оваа регулатива се заснова на националните состојби, правосудството и вообичаените меѓународни практики“, рече тој, нарекувајќи го законот „вообичаена законодавна практика на суверените држави“.
Сите земји во светот имаат право да „спречат сепаратизам и саботажни активности, како и да ги заштитат социјалната солидарност и поредок преку домашното законодавство“, додаде Ху.
„Етничката солидарност е важен камен-темелник на националниот просперитет и развој... постојат различни внатрешни и надворешни фактори на ризик, како и нелегални активности кои сеат етнички раздор и ги поткопуваат етничката солидарност и националната безбедност“, потенцираше тој.
Кина „силно се спротивставува на секое клеветење, оцрнување, задржување, потиснување, инфилтрација и саботажа, меѓу другото, под изговор на етничка припадност, религија и човекови права“, рече Ху.
Законот е насочен кон „нелегалните однесувања“, а системот на одговорност ќе биде „строго заснован на закон и внимателно применет за вистински да се заштитат нашиот национален суверенитет, безбедност, развојни интереси, како и законските права и интереси на сите етнички групи“, додаде тој.
„Ова не влијае врз нормалната размена меѓу луѓето, академските истражувања или економската и трговската соработка меѓу Кина и другите земји.“