Emre Aytekin
16 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
ПЕКИНГ
Кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден разговараа преку видео-конференциска врска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Првата средба лице в лице меѓу двајцата претседатели откако Бајден ја презеде функцијата во јануари траеше околу 3,5 часа.
За време на разговорот, американскиот претседател Бајден и неговиот тим се наоѓаа во салата Рузвелт во Белата куќа во Вашингтон, а претседателот Си и неговиот тим во Големата сала на Народното собрание во Пекинг.
Двајцата претседатели средбата ја започнаа со пријателски пораки. Претседателот Си нарекувајќи го Бајден „мојот стар пријател“ повика да се воспостават „цврсти и стабилни односи меѓу Кина и САД“.
- Взаемно почитување и живеење во мир
Наведувајќи дека Кина и САД, како две најголеми светски економии и постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), треба своите внатрешни работи да ги извршуваат на најдобар начин и да придонесат за светскиот мир и развој, претседателот Си рече: „Кина и САД треба да се почитуваат меѓусебно, треба да живеат заедно во мир и да се стремиме кон ‘win win‘ соработка.“
Посочувајќи дека е подготвен да работи со претседателот Бајден за да се постигне консензус и да преземат ефективни чекори за да односите меѓу Кина и САД влезат во позитивна насока, Си додаде дека тоа е во согласност со интересите на народите на двете земји и очекувањата на меѓународната заедница.
Си рече дека се надева оти Бајден ќе покаже политичко лидерство со кое американската политика кон Кина ќе ја врати на рационална и практична патека.
За време на состанокот подвлекувајќи ја чувствителноста на неговата земја кон Тајван, Си рече: „Ако сепаратистичките сили кои ја бранат независноста на Тајван не испровоцираат, се обидат да не тестираат и да ја преминат црвената линија, Кина ќе мора да преземе решителни мерки.“
Бајден, пак, во разговорот истакна дека САД се придржуваат до политиката на „една Кина“, не ја поддржуваат независноста на Тајван и ќе придонесат за воспоставување мир и стабилност во Тајванскиот теснец.
Истакнувајќи дека се надева дека со Си ќе разговара на отворен и искрен начин како и во минатото, Бајден рече дека верува оти лидерите имаат одговорност да обезбедат, конкурентноста меѓу земјите да не се претвори во конфликт.
Нагласувајќи дека односите меѓу САД и Кина влијаат и на светот, Бајден истакна: „Мораме да поставиме насоки засновани на консензус, да бидеме отворени и искрени за нашите разлики и да работиме заедно на нашите заеднички интереси, особено на глобалните прашања како што се климатските промени.“