Киргистанскиот претседател го поздрави унапредувањето на односите со Туркије до сеопфатно стратешко партнерство
Жапаров му се заблагодари на Ердоган за неговата одлука да го поништи долгот на Киргистан кон Туркије и рече дека Бишкек е решен дополнително да ги подобри условите во земјата за домашните и странските инвеститори
БИШКЕК (АА) - Киргистанскиот претседател Садир Жапаров денес го поздрави подобрувањето на односите на неговата земја со Туркије на ниво на сеопфатно стратешко партнерство, јавува Анадолу.
„Задоволство ми е да објавам дека донесовме важна одлука да ги подигнеме стратешките партнерски односи меѓу Република Киргистан и Република Туркије на ниво на сеопфатно стратешко партнерство“, рече Жапаров за време на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во главниот град на Киргистан, Бишкек.
Истакнувајќи дека Бишкек многу ги цени резултатите од шестиот состанок на Советот за стратешка соработка на високо ниво меѓу Туркије и Киргистан, Жапаров рече дека разговарале за актуелните теми на агендата, меѓу кои трговијата, образованието, културата, хуманитарната соработка и војската.
Во однос на образованието, Жапаров најави дека е постигнат договор за проширување на мрежата на турската Фондација „Маариф“ во сите региони на Киргистан.
Тој понатаму му се заблагодари на Ердоган за неговата одлука да го поништи долгот на Киргистан кон Туркије и рече дека Бишкек е решен дополнително да ги подобри условите во земјата за домашните и странските инвеститори.
Жапаров, исто така, рече дека ќе ја продолжат соработката со Туркије во здравствениот сектор, посочувајќи дека предложиле да се разгледаат понатамошни проекти за формирање повеќе медицински установи во Киргистан.
„Како резултат на состанокот на Советот, беа потпишани билатерални договори кои покриваат широк спектар важни области, вклучувајќи ги здравството, енергијата, економијата и финансиите, земјоделството, дигитализацијата, безбедноста и културата“, додаде тој.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.