Ekipa
30 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
ЛОНДОН (АА) - Високиот комесар на ОН за човекови права, Зеид Раад ал Хусеин, изјави дека министерката за надворешни работи и лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, можела и требало да поднесе оставка поради злосторствата кои мјанмарските сили ги извршиле врз Рохинџа муслиманите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ал Хусеин во интервју за „Би-би-си“ (BBC) остро ја критикуваше Су Чи поради геноцидот извршен врз етничкото малцинство во Аракан.
„Беше во позиција да стори нешто. Можеше да молчи или уште подобро да поднесе оставка. Немаше потреба да биде портпаролка на мјанмарската Војска“, порача Ал Хусеин.
Тој интерпретациите на Су Чи за масакрите во Аракан ги оцени како пристрасни и невистинити и додаде дека таа ги прикривала страшните злосторства што Војската ги сторила.
„Можеше едноставно да каже дека е подготвена да биде лидер на Мјанмар, но не на тој начин. Требаше да се заблагодари и да каже дека дава оставка и дека се враќа во домашен притвор“, изјави Ал Хусеин.
Су Чи како активистка во борбата против воениот режим во Мјанмар беше во домашен притвор од 1989 до 2010 година. Добитничка е на Нобеловата награда за мир во 1991 година, а неодамна Комитетот за Нобелова награда соопшти дека постои можност тоа признание да ѝ биде одземено поради злосторствата во Аракан.
Истражителите на ОН оваа недела побараа воените челници на Мјанмар да бидат процесуирани на Меѓународниот кривичен суд поради геноцидот врз Рохинџа муслиманите.
Настаните кои драмата на араканските муслимани ја ставија во фокусот на светската јавност се случија на 25 август минатата година.
Под плаштот на борба против милитантските напади врз полициските пунктови, мјанмарската Војска и будистичките милитанти тој ден тргнаа во брутални напади врз Рохинџите, во кои свирепо се убиени повеќе од 24.000 припадници на тоа малцинство.
Нападите прераснаа во класичен облик на етничко чистење, а мјанмарската Војска запали стотици муслимански села. Од тој регион над 750.000 муслимани побегнаа во соседен Бангладеш.