Barış Seçkin
19 Јули 2020•Ажурирај: 20 Јули 2020
РИМ (АА) - Премиерот на Италија, Џузепе Конте, изјави дека преговорите за пакетот за економско закрепнување од последиците од пандемијата на Ковид-19, односно усвојувањето на буџетот за периодот 2021-2027 година, се практично запрени на Самитот на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (AA).
Конте ги сподели информациите од Самитот преку видеопорака од својот профил на Фејсбук.
Наведе дека самитот, кој во Брисел траеше два дена, бил потежок отколку што се очекувало.
„Ние практично ги прекинавме преговорите. Тоа покажува дека ситуацијата е посложена од очекуваното. Се обидуваме да најдеме синтеза и мора да ја пронајдеме, затоа што таа е од корист за секого“, порача Конте.
Тој нагласи дека нивните одговори на кризата треба да бидат пропорционални, подготвени, колективни и здрави.
Истакна дека Холандија и некои други земји не го делат мислењето дека има потреба од така доследен одговор на оваа криза.
„Има уште многу проблеми за кои разговараме, но моментално не можеме да пронајдеме решение“, наведе Конте.
Меѓу државите постојат големи несогласувања околу големината на програмата за пакетот за закрепнување од 750 милијарди евра, кој го донесе Европската комисија, а конкретно нема договор околу количината на бесповратните средства и кредити, односно механизмите за нивна контрола.
Земјите кои се најпогодени од Ковид-19, Италија, Шпанија и Франција, сакаат програмата да биде одобрена што е можно поскоро, додека приговорите од земјите членки како Холандија, Данска, Австрија и Шведска доведува до забавување на преговорите за усвојување на пакетот.