Hakan Çopur
13 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Претставникот на фондацијата „Херитиџ“ Лук Кофи, анализирајќи ја политиката на администрацијата на американскиот претседател Барак Обама во Сирија, рече дека обуката на ЈПГ, нејзиното вооружување и финансирање, е играње со оган, јавува Anadolu Agency (AA).
„Херитиџ“ е тинк-тенк организација со седиште во Вашингтон, а Кофи е директор на Центарот „Даглас и Сара Алисон“ за надворешна политика во Фондацијата.
Како што се ближи крајот на претседателскиот мандат на Обама, забележливи се сѐ почестите критики во и надвор од земјата, кога станува збор за Сирија.
Кофи за АА изјави дека во војната во Сирија, единствената цел на САД треба да биде поразувањето на ДЕАШ.
„Треба да делуваме мудро кога станува збор за начинот на борбата против ДЕАШ. Со обука, вооружување и финансирање на ЈПГ, ние си играме со оган“, порача Кофи.
Тој рече дека голем дел од американскиот народ не ја знае вистинската идеологија на ПЈД (сирискиот огранок на терористичката организација ПКК заб.ав.) и неговото вооружено крило ЈПГ.
„Не треба да ги поддржуваме групите поврзани со ПКК, која американската администрација ја окарактеризира како терористичка организација што извршува терористички напади против нашиот НАТО сојузник, Турција“, рече Кофи.
Тој смета дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп треба да ја прекине американската поддршка на ПЈД.