Elena Teslova
09 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
МОСКВА (АА) - Русија внимателно ја набљудува алармантната состојба со приливот на мигранти на белоруско-полската граница и ги повикува страните да се однесуваат одговорно, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се надеваме дека ситуацијата на границата меѓу Белорусија и Полска нема да еволуира во нешто што ќе ја загрози безбедноста на Русија“, изјави Песков за новинарите во Москва.
„Москва и Минск се во постојан контакт за ситуацијата преку сите можни канали, вклучително и преку специјалните служби“, додаде портпаролот.
„Постои размена на информации (меѓу Русија и Белорусија). Но, повторувам уште еднаш - ова е проблем, реален проблем, кој ги засега Белорусија и Полска во овој случај. И, се разбира, ние сме многу загрижени во врска со тоа“, нагласи Песков.
Тој додаде дека најважно во оваа ситуација е животот и здравјето на големиот број луѓе кои се масовно на границата.
- Лавров го обвини Западот за мигрантската криза, апелира да се избегнуваат двојни стандарди -
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во посебна изјава го обвини Западот за мигрантската криза.
Обраќајќи се на прес-конференцијата во Москва по средбата со надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите на Светата столица, Лавров рече дека актуелната ситуација е резултат на конфликтите и војните што ги започнал Западот на Блискиот Исток и во Северна Африка во обид да ја наметне својата визија за животот.
„Вака беше бомбардиран Ирак под лажни изговори, така беше уништена државноста во Либија и така беа извршени нападите врз Сирија. И сите овие и други авантури на нашите западни колеги предизвикаа невиден бран на бегалци. Со сите чекори што се преземаат и за кои се дискутира сега, не смееме да заборавиме од каде започна сето тоа и чија е вината за сè што се случува сега“, рече тој.
„Затоа, главната одговорност за решавање на мигрантската криза е на оние што создале услови таа да избие“, нагласи тој.
Лавров рече дека мора да има унифицирани стандарди во однос на приемот на бегалците.
„Вчера, во дискусиите за политички науки, тие потсетија дека кога бегалците доаѓале од Турција во ЕУ, ЕУ одвоила средства за да останат во Турција. Зошто исто така е невозможно да им се помогне на Белорусите кои имаат потреби, така што бегалците, кои Полска и Литванија не сакаат на кој било начин да ги пуштат на нивната територија, да живеат во нормални услови?“, праша тој.
Галагер од своја страна ги повика властите низ Европа да преземат одговорност и да ја решат „оваа многу сериозна хуманитарна криза“.
„Што се однесува до ставот на Светата столица, знаеме, на пример, дека бискупот на Полска се соочи со одредено отфрлање на неговата позиција од властите“, рече тој.
Архиепископот потоа повика да се погледне ситуацијата од гледна точка на судбината на луѓето кои се соочуваат со многу тешка ситуација.
Тој, исто така, се согласи дека има одговорни за оваа ситуација, велејќи дека „тие мора да ја преземат својата одговорност“.
Одделно, прес-службата на Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин разменил мислења во врска со ситуацијата со мигрантите на границите Белорусија - Полска и Белорусија - Литванија со неговиот белоруски колега Александар Лукашенко.