Tufan Aktaş
09 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, истакна дека земјата е подготвена да работи конструктивно со пријателските земји за надминување на привремените тешкотии и сигнализираше дека може да започнат преговори со бунтовниците, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Ахмед, во изјавата споделена на неговиот профил на Твитер, наведе дека демократски избраната суверена Влада на Етиопија е подготвена да работи конструктивно со пријателските земји за да продолжи со реформскиот процес започнат за надминување на привремените тешкотии и постигнување на развојните цели.
Ахмед нагласи дека Владата и покрај сите тешкотии е решена да го продолжи овој процес.
Изјавата на премиерот дојде по напорите за посредување на Африканската унија и Обединетите нации во врска со кризата во Тиграј.
Откако судирите се приближија на 350 километри од главниот град Адис Абеба, Олусегун Обасанџо, амбасадорот на Африканската унија (АФБ) во Рогот на Африка, и Мартин Грифитс, помошник-генерален секретар на Обединетите нации (ОН) за хуманитарни прашања и координатор за итна помош, започнаа разговори за посредување со страните во Етиопија.
По состанокот со претставниците на Народниот ослободителен фронт Тиграј (ТПЛФ) во градот Мекеле, во Тиграј, Обасанџо и Грифитс заминаа во Адис Абеба за разговори со владините претставници.
Посредниците сакаат формирање преговарачка маса без предуслови, а страната на ТПЛФ сака да бидат укинати блокадите за Тиграј.
Владата на Адис Абеба, пак, претходно истакна дека нема да прифати преговори со ТПЛФ, која се смета за терористичка организација.